Ермира Мехмети и Беса Арифи се двете имиња на кои претседателот на СДСМ, Зоран Заев им ги понудил потпретседателските позиции во партијата, дознава ТВ21 од свои извори.
ТВ21 се обиде официјално да ја потврди информацијата, но од сите страни, молк.
Екс пратеничката на ДУИ, Ермира Мехмети ни одговори на телефон со порака, но во неа ниту ја потврдува ниту ја негира веста, туку само “замоли да не ја контактираме веќе бидејќи кажала што имала во политиката и за политиката“.
Од друга страна, универзитетската професорка како и надворешна советничка на актуелниот претседател, Беса Арифи, не ни врати порака ниту пак одговори на нашите телефонски повици. Таа е сестра на потпретседателката на ДУИ, Теута Арифи.
Од СДСМ не сакаа да коментираат. Велат дека не е добро сега по конгресот на партијата да се шпекулира со имиња.
„Во ситуација кога сите позиции во органите на партијата се избрани и се веќе на почеток на нов мандат, неблагодарно е да се шпекулира дали и кој бил можен кандидат за одредена позиција или не. Дали и со кого е разговарано околу можностите за приклучување кон СДСМ исто така сметаме дека е несоодветно и нема дополнително да го коментираме“ посочија од СДСМ.
Од тоа што го велат изворите на ТВ21, може да се разбере дека Фатмир Битиќи не бил прва опција на Заев за потпретседател Албанец на партијата, туку пред нему да му ја понуди оваа партиска функција, тој на ум имал две други имиња кои директно се поврзуваат со ДУИ.
Потпретседателите на СДСМ, се со директен предлог од претседателот на партијата, нешто што се предвидува со статутот. Пред Фатмир Битиќи, потпретседател беше Мухемет Зекири.