Одлуката да не се одржи првата меѓувладина конференција беше големо разочарување за Северна Македонија и за Албанија. Тоа е голем неуспех на политиката на проширување на ЕУ и лоша порака за регионот. Европската Унија не го исполни своето ветување, истакна премиерот Зоран Заев на Пленарната сесија на високо ниво „Ресетирање на синергијата меѓу ЕУ и САД кон Западниот Балкан“, што се одржува во рамки на „Преспа форумот за дијалог“ во Охрид.

– ЕУ може да поставува интегративни задачи, рокови, но не може да ја утврди ниту нашата локација, што е во срцето на Европа, ниту нашата култура и нашиот европски идентитет, ниту да ја оспори иднината на нашите народи како европски нации во европското семејство, во европските земји, имајќи европски политички, институционални и економски стандарди, додаде Заев.

Премиерот во обраќањето пред учесниците на конференцијата укажа на потребата од „трансформирање“ на трансатлантските односи, пред се во контекст на суштинската важност кога станува збор за стабилноста на регионот на Западниот Балкан.

– Колку што трансатлантските врски се посилни и стабилни, Западниот Балкан е посилен, стабилен и просперитетен. Заедничкиот ангажман на САД и ЕУ на Западниот Балкан е од суштинско значење. Силно тврдам дека трансатлантските врски мора да бидат трансформативни, со цел да одговориме на кој било предизвик со кој сите ќе се соочиме во иднина. И овој одговор треба да биде едногласен, силен, стабилен, брз и одлучувачки, рече премиерот Заев.