Премиерот Заев преку објава на социјалната мрежа Facebook соопшти дека на средбата со генералната директорка за Западен Балкан во Службата за надворешна политика на ЕУ Ангелина Ајкхорст, со нејзиниот заменик Марко Маковец и со шефот на Делегацијата на ЕУ во нашата земја Дејвид Гир, се разговарало за актуелниот момент поврзан со членството на Северна Македонија во ЕУ и за состојбите во регионот.

Со заменик претседателот во Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, потенциравме дека ќе биде клучно Самитот на ЕУ со Западниот Балкан да даде јасна порака за европската иднина на регионот, но уште поважно, ЕУ да ја имплементира одлуката од март 2020 со што Северна Македонија ќе ги започне пристапните преговори. Со соседна Бугарија и понатаму ќе продолжиме да бараме европско решение што ќе овозможи двојна победа, стои во објавата на Заев.
Премиерот вели уште дека соговорниците уште еднаш ја изразиле поддршката на Брисел верификувана и од одлуката на Европскиот Совет дека Северна Македонија и ЕУ треба да ја одржат првата меѓувладина конференција од тој процес.