Полнењето на државната каса оди според планираното, приходите се на повисоко ниво од преткризниот период од минатата година, а добрата кондиција на буџетот во првиот квартал и позитивните трендови што се препознаваат се должат на преземените мерки, но и на довербата на деловната заедница во мерките кои овозможија стопанството да не работи во грч туку да ја следи бизнис логиката дури и во вакви услови, оцени денеска премиерот Зоран Заев.
Како што изјави тој на прес конференцијата со министерот за финансии Фатмир Бесими, да не биле донесени антикризните мерки за помош на компаниите и граѓаните, тогаш потрошувачката би се намалила за над 10 проценти, што секако потоа би имало и импликации врз буџетот.
-Сите пакети антикризни мерки за поддршка на економијата во својот фокус ги имаат граѓаните, нивните работни места, социјалната сигурност, солидарност, креирање амбиент за полесно надминување на економските последици од коронавирусот и спроведување на брза излезна стратегија за да продолжиме со позитивните трендови на новата развојна македонска економија, рече Заев и додаде дека од вкупно 70 усвоени мерки во рамки на сите четири пакети, во тек е имплементацијата на 21 мерка во вредност од 30 милиони евра, додека имплементацијата на седум мерки во вредност од 150 милиони евра се во собраниска процедура и се надева дека пратениците бргу ќе дадат зелено светло и на овие мерки.
Заев оцени дека има позитивни сигнали дека економијата заздравува, што според него е потврдено со позитивните тековни економски движења преку високиот раст на извозот, растот на трговијата, растот на кредитирањето и растот на просечната плата.
Извозот има номинален раст од 15,4 отсто во јануари на годишна основа, увозот на стоки раст од 5,3 отсто со што трговскиот дефицит во јануари се намали за 29 проценти. Во јануари прометот во внатрешната трговија има номинален годишен раст од 0,8 отсто, просечната плата има раст од 2,7 отсто, позитивни трендови се утврдени и во кредитирањето на населението и стопанството, така што во февруари вкупните кредити се зголемени за 4,4 отсто на годишна основа, кај стапката на невработеност е забележано постепено намалување, вработеноста е зголемена,…