На Зоран Заев како претседател на Владата на РСМ на кому му престанала функцијата му е доделено владино службено возило „шкода суперб“ произведена во 2021 и со моторна зафатнина од 2.000 см3 со владина одлука по престанувањето на неговиот мандат на почетокот на оваа година, објави Фактор.
Според измените на Законот за Влада направени во 2016, поранешниот претседател на СДСМ има право да го користи овој автомобил во вкупно траење колку што до сега бил шеф на Владата.
А, од владата во врска со информациите во медиумите за правата на поранешните премиери, ја известуваат јавноста дека постапува исклучиво согласно обврските кои произлегуваат од Законот за влада.
Имено, со измените направени во 2016 година, Владата има обврска да обезбеди на користење возило, возач, како и безбедносна заштита на поранешен претседател на Влада, онолкав период колку што му траел завршениот мандат.
Од таму велат дека Владата нема ниту право, ниту постои таква законска можност или обврска, на било кој поранешен премиер или на било кој друг функционер да подарува возила.
Инаку, веднаш откако беше изгласана новата Влада, сега веќе екс премиерот Зоран Заев изјави дека од повластените работи кои може да ги користи како поранешен претседател на Владата, ќе користи само една, а тоа е повремено да го користи обезбедувањето. Другите работи нема да ги користи.