На изјавата на бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов дека пред 1944 година македонската нација не постоела, денеска премиерот Зоран Заев рече дека во 1944 не сме се разбудиле со мисла дека сме Македонци.
Секогаш сме реагирале и ќе реагираме. Оваа изјава на Каракачанов не е со нота или пишан документ, и еве и ние јавно реагираме: Во 1943 година на 31 декември македонските граѓани не си легнаа како Бугари и се разбудија на 1 јануари 1944 како Македонци. Тие се Македонци низ вековите наназад. Се чувствувале Македонци и се чувствуваат како Македонци – рече Заев одговарајќи на прашање по обраќањето по повод „Денот на турската азбука“, 21 декември.
Во духот на пријателството, како што истакна, се продолжува со внимателен наратив, но секако ќе се реагира на тоа што директно не повредува.
Ние сме Македонци, сме биле и ќе останеме Македонци. Апелирам до пријателска Бугарија, посебно до општествениците и до мојот пријател Красимир Каракачанов да знаат, колку и да е тоа податливо во Бугарија, овде повредува. Повредува кога некој разговара за твоите чувства тоа повредува. Секаде во светот, секој има право да се определи онака како што се чувствува и како што одлучил. Нашето право на самоопределба е наше суверено право. Нашиот суверенитет Бугарија го има признаено прва во светот, како прва соседна земја што ја призна самостојноста на нашата земја. Ако Бугарите се Европејци тогаш европските вредности треба да го почитуваат нашето право на идентитет како Македонци што зборуваат македонски јазик и на нашето право да си ги утврдуваме и осознаваме нашите корени – рече Заев.
Тој додаде дека македонскиот народ има цврсти и неспорни корени во историјата и во повеќе епохи.
Ние ги знаеме нашите врски со словенската историја, со кириличното писмо, со глаголицата, го знаеме растот и развојот на македонскиот јазик и тоа навистина на ниту еден начин не го става под прашање бугарскиот јазик и бугарскиот идентитет. Точно е дека имаме заедничка историја. Тоа сме го прифатиле. Точно е и тоа дека имаме засебна, посебна историја во двете земји. Да бидеме паметни заедничката историја да ја гледаме како нешто што не поврзува и што не прави поголеми пријатели, што ни овозможува поголема соработка, наместо нешто што не дели – нагласи Заев.
Соочени сме со период на горчина, рече Заев, затоа што никој не се надеваше дека Бугарија може да ни стави вето.
Тоа е болно, тоа е тешко, тоа е трагично, тоа е катастрофално. Затоа што прашањето е кој денеска ја пишува историјата и каква историја пишува. После 20 или 30 години ќе прашаат идните генерации што направиле Борисов и Заев, Захариева и Османи, Каракачанов и Димитров – потенцираше Заев и додаде дека наша должност е да отвораме перспективи за граѓаните за периодот што претстои и да бидеме паметни минатото да го користиме како нешто што не сплотува а деталите низ историјата да ги оставиме на историчарите.