Може секој да си дозволува да игра за политички причини со бројките. Не е во ред да ни треба дијаспората кога треба да не гласаат, а да не ни треба кога ни дава пари, кога треба да ја попишеме, кога помага на домаќинствата. Дијаспората е нашиот народ. Денеска е надвор, утре ќе е тука. Може некој од нас утре ќе е надвор, а дијаспората ќе е тука. Тоа е нашиот народ. Ние си го попишуваме целиот наш народ без разлика дали е дома или надвор, рече денеска премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање во врска со изјавата на Христијан Мицкоски дека дијаспората треба да се евидентира, а не да се попишува.
Заев уште еднаш апелира до граѓаните дека е важно секој да се попише.
Можни се, истакна, изолирани, поединечни случаи на технички грешки кои настанале несакајќи, при внесување на матичните броеви, но тие треба да се пријават за веднаш да се отстранат и попишувањето да продолжи непречено.
-На крајот тоа се корегира. Имаме и доволно време, но важно е граѓаните да го пријават ваквиот случај. Може да пријават директно во Државниот завод за статистика каде пописните одбори ќе го согледаат проблемот и ќе го отстранат за да може секој да се попише. Навистина е важно секој да се попише, дали живее дома или надвор од државата. Се работи за операција која е емпириска, но и техничка истовремено. Може да се случат одредени технички грешки, но ако ги пријавиме тие се отстрануваат и се решаваат. Апелирам до граѓаните за ваков или за друг сличен проблем веднаш да пријават во Заводот за статситика за да биде отстранет и за да си го исполнат своето граѓанско право и обврска – да се попишат, изјави премиерот по пуштањето во употреба на модуларната болница во Прилеп.
Тој уште еднаш подвлече дека за државата се исто важни и граѓаните кои се дома, но и оние што живеат надвор.
-Затоа, се што се прави со пописот кој ќе биде од 5 до 30 септември е попишување на сите наши граѓани, резидентни и нерезидентни, граѓани кои живеат овде, во земјава, или граѓани кои се отселиле и живеат повеќе од една година надвор од државата, рече Заев.