Опасни и антинародни се обидите, тепањето и влечењето по подот пратеници претепани до бесознание и насилството врз новинарите, да се прикажуваат како одбрана на Уставот, вели премиерот Заев.
На тој 27 април 2017 година во секој момент очекувавме да го изгубиме животот и јас и пратениците и новинарите кои беа присутни, рече премиерот Зоран Заев запрашан за коментар за протестот што се случи во неделата за ослободување на осудените за упадот во Собранието.
Заев, потсетувајќи се на денешниот датум од пред четири години, рече дека тие два часа во Собранието му се чинеле како цела вечност. Според него, недозволиво е што опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ дава поддршка на правосилно осудени лица кои, како што рече, пред целата јавност се обиделе да убиваат.
„На ова прашање да почнам со одговор од моите лузни. Сите што бевме присутни во Собранието, секој момент очекувавме да го изгубиме животот… И сега да се организира собир за поддршка на осудени луѓе кои се обидоа јавно да убиваат и ликвидираат новинари, камермани, пратеници во Собрание е или забеганост или соучесништво. Ништо друго“, рече Заев на новинарско прашање по денешната посета на новоотворената фабрика „Гересхајмер“.
Додаде дека лично е мотивиран за такво нешто никогаш да не се повтори.
„Да продолжам да се борам. Да не се повтори никогаш повеќе ниту кај нас, ниту некаде во светот. Застрашувачки е да го видите лидерот на опозицијата, алтернативата на оваа власт, како ги поддржува луѓето што се правосилно осудени, а целата јавност виде дека се обидоа да убијат. Тоа е надвор од здравиот разум“,