Прашањето за соседските односи меѓу Северна Македонија и Грција беше отворено три децении. Поминавме три децении несигурност за нашата иднина. Три децении сериозна грижа за несакани последици. Три децении блокирани перспективи кои се од клучен стратешки интерес за нашата земја, за регионот и евроатлантските структури. Иднината беше идеја водилка во текот на целиот процес. Двете страни го прифатија компромисот како пријателство и грижа за интересите на вашиот политички партнер од другата страна, како и за вашите сопствени интереси, рече премиерот Зоран Заев во денешното обраќање на церемонијата во Мунстер на која тој и поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас ќе ја добијат Меѓународна награда за мир на Вестфалија за 2020 година.
Тоа пријателство, потенцира Заев, беше важно за да се создаде атмосфера во која отворено разговаравме за сите прашања, дури и кога се чинеше дека нема решение.
-Во текот на целиот процес, ние инсистиравме дека не зборуваме за црвени линии. Си кажавме дека црвените линии се ограничувачки. Црвените линии ве ставаат во кутија. Рековме – ние нема да го ставиме процесот во кутијата. Тоа е начинот на кој работат пријателите. Фокусирани на решенија. Градење мостови. Тоа е и суштината на Договорот од Преспа – пријателството! Со овој Договор, ставивме крај на спорот и долготрајната разлика што крена ѕидови, што ги отежна соседските односи меѓу Северна Македонија и Грција, а не sидови, подвлече македонскиот премиер.
И јас и Ципрас, додаде Заев, сме целосно свесни дека ја ставивме нашата политичка кариера во ризик.
-Оваа цврста определба, подготвеноста да ги жртвуваме сопствените политички кариери во име на иднината не поврза и не водеше низ процесот. Кога ќе видите од другата страна на масата за преговори личност која е фокусирана на решенија, личност со која ги делите истите политички вредности, тогаш ги имате сите потребни состојки за пријателски односи и атмосфера за да постигнете взаемно прифатливо решение за проблемот. Уште поважно, овој вид на поврзаност мотивира, се претвора во пријателство. И двајцата го вградивме ова пријателство во темелите на новиот однос помеѓу нашите земји. Тоа е најскапоцената придобивка, рече Заев.
Тој се осврна на членството во НАТО, на регионалната соработка и уште еднаш нагласи дека за Северна Македонија не постои друга алтернатива, освен интеграцијата во ЕУ.
По Заев се обрати и Ципрас. Двајцата се заблагодарија за наградата.
Покрај високите претставници и гости, на церемонијата беа и претседателот на Летонија, Егилс Левитс, како и претседателот на Економското друштво на Вестфалија и Липе, Рајнхард Зинкан.