Премиерот Зоран Заев денеска од Штип порача дека со довербата за неговата Влада што ја доби вчера во Собранието, расте и неговата одговорност да се одблокира Парламентот, по законски основи, по пат на Деловник и по пат на разговори.
-Голема чест е што добив доверба, навистина првпат премиер ја користи деловничката алатка од членот 217 став 2, и сам да побара доверба. Јас сум среќен, сум благодарен за поддршката од мнозинството во Парламентот заради тоа што тоа е основа за да продолжиме да работиме, рече Заев.
Изрази жалење за клучни закони што се заглавени во Собранието, меѓу кои, како што рече, најважни се Законот за енергетска ефикасност, со кој имаме 25 милиони евра за државните институции и 10 милион евра за општинските институции.
Натаму тој го спомена и трамвајот на тркала за Скопје, што чини 70 милиони евра.
Собранието вчера попладне со 62 гласа ЗА, изгласа доверба на Владата, откако претходно тоа од пратениците усно го побара премиерот Зоран Заев.