– Цената на струјата ќе остане иста до крајот на годината, а после тоа доколку има потреба подготвени сме да интервенираме со цел да им помогнеме и на домаќинствата и на стопанството, истакна лидерот на СДСМ и актуелен премиер Зоран Заев.
– Граѓаните треба да знаат дека цената на струјата останува иста до крајот на годината, а ако се менува во 2022 година ние сме подготвени да помогнеме со ваучери, рече Заев во вечерашното гостување во централниот дневник на телевизија „Сител“.
Нагласи дека проблемот со струјата е меѓународен и оти како Влада прават се за цената на струјата да остане стабилна. Посочи дека се активираат сите домашни ресурси за производство на електрична енергија за вкупните потреби на граѓаните. Преземени се сите активности за активирање на третиот блок на РЕК Битола со набавка на дополнителни количини јаглен, дадени се насоки да се стави во погон ТЕЦ Неготино, а за 10-15 дена се очекува да почне со работа и ТЕЦ Осломеј.
– Енергетскиот систем треба да се гледа во неговиот полн капацитет. Ние треба да го исполниме системот со производство од сите домашни капацитети, а потоа да се види дали треба преку мрежата да се избалансира недостатокот од електрична енергија, но се надевам дека за тоа нема да има потреба, рече Заев.