Договорот од Преспа е големо достигнување, бидејќи донесе решение за двата народи, но и за целиот регион и за Европа, било истакнато на средбата на премиерот Зоран Заев со поранешниот британски премиер Тони Блер што се одржа на маргините на Економскиот Форум Делфи во Атина.
– Договорот од Преспа отвори врати за напредокот и стави препрека на новите национализми, а решенијата од договорот денес значат и економски потенцијали. Сѐ е до квалитетот на владите, а на малите земји им требаат глобални погледи за квалитетни решенија, заклучија Блер и Заев, се наведува во соопштението од владината прес-служба.
Особен фокус во разговорот, како што се посочува, бил ставен на справувањето со глобалните предизвици кои ги наметна КОВИД-19 пандемијата.
Заев и Блер се согласиле дека вакцинацијата е едно од најдобрите глобални решенија на денешницата и дека нормализација во живеењето на граѓаните низ целиот свет е можна само преку масовна вакцинација.
Во тој контекст, двајцата разговарале за можностите за соработка и инвестиции со глобалната ИТ компанија „Оракл“ во делот на менаџирање со податоци при справувањето со КОВИД-19, односно за ставањето во функција дигитални дата бази за регистрирање и верификација на граѓаните кои се вакцинирани со цел нивна побрза мобилност низ целиот свет.
Заев и Блер, како што стои во соопштението, изразиле задоволство од одличните билатерални односи меѓу Република Северна Македонија и Обединетото Кралство и надеж дека во иднина пријателството ќе се продлабочи.