Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска ја промовираше дигиталната платформа makedonski.gov.mk на која е поставен „Толковниот речник на македонскиот јазик“ на Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“ со над 100 илјади зборови.
-Ми претставува посебна чест што Владата на Република Северна Македонија и Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“, по повод 5 мај денот на македонскиот јазик, можат да соопштат дека целосната дигиталната верзија на Толковниот речник на македонскиот јазик, од денеска за првпат е достапна за сите граѓани.
Ова е резултат на здружени сили на авторите од Институтот кои ги отстапија авторските права врз дигиталниот код, поддршката од Министерството за образование и комуникацискиот тим во мојот кабинет кои посветено го спроведоа целиот процес.
makedonski.gov.mk е веб – платформа за негување на македонскиот јазик, која Владата ја промовира точно денес, на денот на македонскиот јазик, во рамките на Програмата за одбележување на 100 годишнината од раѓањето на Блаже Конески, еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик. На веб платформата на која е поставен „Толковниот речник на македонскиот јазик“ со над 100 илјади зборови, наскоро ќе биде поставен со истите можности на интерактивност и „Правописот на македонскиот јазик“, со што го подигаме степенот на дигитализација на правописот на начин каков што беше предвидено уште во првичната идеја.
Дигиталниот толковен речник на македонскиот јазик им стои на располагање на сите што сакаат да го користат македонскиот јазик, граѓаните на Северна Македонија, нашите сонародници од севкупната македонска дијаспора и останатите заинтересирани поединци, научници и деловни луѓе во целиот свет. Сакам да ги охрабрам нашите лингвисти, како и сите македонисти во светот, да го ползуваат отворениот ресурс на дигитализираниот толковен речник како изворник за создавање многу други специјализирани речници, како и за други проучувања.
Дополнително, како еден од врвните приоритети во наредниот период е да го изградиме и постојано да го надградуваме корпусот на дигитализирани дела на македонски јазик како база за неопходните статистички анализи, тестирања, проверка или потврдување на јазичните правила во рамките македонскиот јазик.
Веб платформата македонски.гов.мк, која е во сопственост на граѓаните, и ќе се надоградува од граѓаните, академската и научната заедница, и понатаму останува под стручен надзор и развој на Институтот за македонски јазик, а Владата е тука за да го модерира техничкиот дел на процесот и да го одржува системот. Тоа значи дека платформата понатаму ќе се развива заедно со сите научни работници, лектори, македонисти, и други научници кои низ својата интердисциплинарна работа опфаќаат лингвистика, и кои ќе можат редовно да го ажурираат речникот, да го дополнуваат и менуваат, за истиот да расте и да се развива.
Ова ќе овозможи да си го негуваме јазикот, но и да го проучуваме подобро и побрзо од било кога. Во наредната фаза планирана е и надоградба на веб-платформата со можност за автоматизирано поврзување на сите кои сакаат да го користат толковниот речник за развивање на свои софтвери и апликации. Со други зборови, Владата ќе го стави дигиталниот материјал и кодот на толковниот речник на располагање на истражувачите, компаниите и програмерите кои развиваат софтвери, за да можат да креираат корисни апликации кои ќе ја олеснат употребата на македонскиот јазик, ќе ја направат истата поинтересна и ќе придонесат во развојот на јазикот.
Дозволете ми најслободно да се изразам, дека токму вака се сака јазикот. Кога алатките за описменување и правилно користење на македонскиот јазик стануваат лесно достапни секому, покажувате грижа за јазикот. Кога овозможувате иднина преку платформа која ќе овозможи развој на јазикот, покажувате конкретен чекор за заштита на јазикот.
Огромно е значењето на Толковниот за македонскиот народ. Тој претставува историско научно остварување со кој се потврдува дека Македонците се народ со богата лексика, со долга јазична традиција и многу богато лексичко наследство, кое не може да се оспори.
Јазик на кој се преведени врвни дела од светската белетристика и обратно: Од нашиот јазик стандардизиран и меѓународно етаблиран јазик на некој од светските јазици. Јазичното богатство содржано во „Толковниот речник на македонскиот јазик“ е уште едно сведоштво за различноста и посебноста на македонскиот јазик во словенскиот свет, и за неговата автентичност во светската листа јазици. Лексиката опфатена во сите шест тома од „Толковниот речник на македонскиот јазик“ е приказ за различноста на македонскиот од другите словенски јазици, а со тоа и сведоштво и потврда за неговата посебност.
Во оваа прилика вредно и заслужено е да им се оддаде признание на сите што работеа и што работат на „Толковниот речник на македонскиот јазик“, на тимот од научни работници од Институтот за македонски јазик, од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Педагошкиот факултет „Климент Охридски“ од Скопје, од соодветните факултети и од Државниот универзитет во Штип, како и други помлади соработници.
Упатувам посебна благодарност на актуелниот научен тим кој во последните три месеци, под раководство на професор д-р Снежана Велковска, неуморно работеа на последните корекции и на апдејтот на обемниот материјал за да биде подготвен за да биде ставен на дигиталната платформа.
Искрена благодарност упатувам и до директорката на Институтот професор д-р Елена Јованова-Грујовска за сесрдното залагање и координација процесите да завршат успешно и навремено, и секако, признание за министерката за образование и наука за поддршката за остварување на овој исклучително значаен проект.
Благодарност и до сите кои во изминатиов период беа вклучени во подготовката на софтверот за дигиталното прикажување на Толковниот речник. Дигитализираното решение немаше да биде возможно во толку брз рок без користењето на моделот за машинско учење на македонскиот јазик, кој го развиваат група на тим млади ентузијасти кои волонтираа со свое време и знаење и кои за 10 дена успеаја да го подигнат ова дигитално решение.
Им благодарам за придонесот и им посакувам успех во нивната натамошна работа.
Да завршам со пораката дека нашата вистинска почит и чествување на сите јубилеи и годишнини, на значајни македонисти вградени во вклучувањето на македонскиот јазик во светската ризница на јазици, всушност се одвива преку постојаната грижа за македонскиот јазик и неговото претставувањето пред светската лингвистика.
Сметам дека интерактивната платформа makedonski.gov.mk на која е поставена дигиталната верзија на „Толковниот речник на македонскиот јазик“ е манифестација токму на една таква грижа.