Заемот од 100 милиони го блокиравме затоа што со него се презема обврска да се затвори РЕК Битола и Осломеј и остават на улица 4000 вработени, вели Мицкоски во објавата на Фејсбук.
Тој понатаму напиша:
Од СДСМ ме обвинија дека во услови на криза по мој налог пратениците на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ блокирале Закон за заем од 100 милиони евра за справување со енергетската криза. Истовремено преку нивните инсталации во опозицијата повторно ме обвинуваат дека ВМРО-ДПМНЕ недоволно блокирало во парламентот и бараат од нас да го напуштиме парламентот. Хммм… платеници и стопани, а каква е вистината?
Имено, коалицијата СДСМ/ДУИ предлага Закон за заем од 100 милиони евра во парламентот. Заем за кој гарант е државата под услови и рокови дефинирани со Договорот за заем.
Каква обврска превземаме со заемот ?
Затворање на ТЕЦ Осломеј до крајот на 2023 година, затворање на РЕК Битола до крајот на 2027 година и пуштање на нов капацитет ЕСМ или во приватно партнерство со приватен инвеститор до крајот на 2025 година со инсталиран капацитет од 210 MW (тоа значи за 3 години да се испроектира, изгради и пушти во употреба капацитет кој денес никој не го гледа, а за кој изминативе 5 години влада на сдсм/дуи никој не слушнал).
Блокираме за да спасиме 4000 директни работни места и најмалку двојно повеќе индиректни работни места. Блокираме за да го спасиме столбот на сувереноста на Македонија, РЕК Битола од затварање. Продолжуваме со активната блокада за спас на Македонија и граѓаните на Македонија.
Порака до власта: Со секој изминат ден сте чекор поблиску до нов криминал и поголема одговорност. Спасете ја Македонија од дополнително уништување, барем еднаш оставете го личниот интерес на страна и да одиме на предвремени избори. Народот да одлучи во каква Македонија сака да живее!