Заедничката студија на Светската здравствена организација (СЗО) и Кина за потеклото на ковид-19 наведува дека пренесувањето на вирусот од лилјаци на луѓе преку друго животно е најверојатно сценарио за појавата на пандемијата и оти наводите дека вирусот е случајно излезен од некоја лабораторија се крајно неверојатни.
Агенцијата наведува дека денес ја добила скоро финалната верзија на извештајот од СЗО од дипломат, кој не сакал да биде идентификуван бидејќи не бил овластен да дава информации пред нивното официјално објавување.
– Advertisement –
Сè уште не е познато дали извештајот може да се промени пред да биде објавен, но наодите што ги содржи се главно очекувани и оставија многу прашања без одговор, пренесува АП.
Истражувачите разгледале четири сценарија по редослед на веројатност и заклучиле дека пренесувањето преку друго животно е мошне веројатна можност, но нагласиле дека е можно ширење и преку замрзнати прехранбени производи.
Објавувањето на извештајот беше одложено неколку пати, а СЗО на крајот на минатата недела рече дека очекува тој да биде подготвен за објавување во следните неколку дена.
Извештајот главно се заснова на посетата на тимот меѓународни експерти од СЗО на кинескиот град Вухан, каде што првпат беше откриен „ковид-19“, во текот на јануари и февруари минатата година.