Изложбата на детски групни цртежи под мотото „Детски желби“ кои се дело на учениците од четвртите и петтите одделенија на партнер училиштата „Гоце Делчев” и Лирија“ од Тетово беше отворена вчера во управната зграда на Музејот на тетовски крај.
Цртежите беа изработени на ликовна работилница во рамки на Недела на детето и ги отсликува детските мечтаења, желби и пораки.
-Секоја детска изработка е печат на различните култури кои постојат во нашето општество, но и трага на детската дружба, игра, разбирање и соработка со другарчиња од различни етнички заедници. Со оваа изложба сакаме да пренесеме порака за ширење на љубов, мир, почит и толеранција меѓу луѓето, а децата тоа умеат да го направат на најдобриот начин, преку игра и цртеж, порача Соња Трифуновска,наставник-ментор и координатор во ОУ „Гоце Делчев“ на МИО активностите (Меѓуетничка интеграција во образованието).
Освен ликовните активности двете училишта за второодделенците и третоодделенците организираа штафетни елементарни игри и детски аеробик преку кои учениците се запознаваа меѓусебно, се дружеа и се забавуваа со музика и физички активности.
-Убавината е во различностите, во богатството на култури, традиции, обичаи, јазици, а градењето на интеркултурни вредности преку меѓусебна соработка на учениците, наставниците и родителите од различни етнички заедници е важен услов за градење на квалитетен образовен систем, порача Трифуновска.
Претставниците на двете училишта изразија надеж дека во иднина ќе продолжи оваа успешна приказна за мултиетничка соработка меѓу двете партнер училишта.























