Џејк Анџели, најпознатиот демонстрант кој упадна во Капитол Хил на 6 јануари оваа година, попознат како „човекот со рогови“, уапсен е во Аризона.
Тој признал дека е човекот од фотографиите во медиумите, а американската полиција соопшти дека изјавил дека „патувал со други патриоти од Аризона, поради повиците на Трамп сите патриоти да дојдат во Вашингтон на 6 јануари 2021“.
Обвинет е за насилно влегување на државен имот и за непримерно однесување на подрачјето на Капитол Хил и во моментов се наоѓа во притвор.
Анџели е познат во САД како „Кванон“ шаман. Кванон е веројатно најлудата теорија на заговор што се изроди за време на четиригодишниот мандат на Трамп. Следбениците на таа теорија на заговор веруваат дека група педофили кои ја обожаваат сатаната влегле во највисоките редови на американските власти, а Доналд Трамп се бори против нив.