Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска на прес-конференција во Владата информираше дека статусот на Охридското Езеро како светско природно и културно наследство е зачуван.
„Задоволство ми е да ве информирам дека статусот на Охридското Езеро како светско природно и културно наследство е зачуван. Овој успех е резултат на активна, посветена и координирана дипломатија, во соработка со нашите партнери и пријатели од меѓународната заедница. Заедно покажавме дека кога постои јасна волја, координација и одговорен пристап – резултатите се неминовни.“
Министерот истакна дека уште од првиот ден, заедно со премиерот Христијан Мицкоски, активно се вклучиле во процесот. „Водевме интензивни разговори, спроведовме дипломатски консултации и градевме заеднички позиции со државите-членки на Комитетот за светско наследство.“
Тој укажа на состојбата која беше затекната: „Неопходно е отворено да се посочи дека ситуацијата што ја наследивме беше резултат на години запоставување, неодговорно управување и изостанок на суштински мерки од страна на претходната влада. Наместо превенција и одговорност, оставија проблем што бараше итно решавање. Нашиот пристап беше поинаков – не декларативен, туку посветен и фокусиран на резултати.“
Муцунски потенцираше дека зачувувањето на статусот е само прв чекор: „Свесни сме дека пред нас стои обврската да обезбедиме долгорочна заштита, одржливо управување и повторно да ја изградиме довербата во институциите и капацитетот на државата да се грижи за своето највредно природно и културно наследство.“
Во завршницата, тој упати благодарност: „Дозволете ми искрено да се заблагодарам на тимот на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија – за нивната стручност, пожртвуваност и тивка, но клучна работа зад сцената. Токму таа работа придонесе за одлука што значи многу за нас како држава.“