Судот сериозно згазил не само врз новинарските слободи и слободата на изразување туку и врз слободата на здружување, пишува Националниот координатор во Владата за Отворен Балкан, Марјан Забрчанец на социјалните мрежи.
Тој вели:
Здруженијата на граѓани (и медиумските организации) постојат заради остварување цели од јавен, а не од личен интерес. Граѓаните се здружуваат заради повисоки цели, заради општествен интерес.
Скандалозни се наодите на судот со кои се сугерира дека на ИРЛ наводно им требало дозвола за да емитуваат истражувачка содржина. Уште поскандалозна е забелешката дека ИРЛ биле здружение на граѓани, но не биле здружение за објавување информации во средствата за јавно информирање.
Ова е преседан со кој суд од македонското правосудство укажува дека за некое здружение да може да објави став или наоди од истражување во јавноста, всушност му била потребна дозвола или посебна регистрација.
Дали тоа значи дека неколкуте илјади граѓански здруженија и невладини организации од утре не треба да комуницираат со јавноста? Ова не е цензура, ова е судски диктат кој не може да помине.
Граѓанските и медиумските слободи ги освоивме во 2016 година и денес во ова наше општество тие слободи имаат голем број свои бранители и застапувачи. Обидите за замолчување на граѓанското општество и на медиумите ќе завршат неславно.























