„Отворен Балкан“ во моментов е иницијатива со највисоко ниво на поддршка и препознаеност од страна на граѓаните и меѓу другото претставува и дополнителен придонес кон регионалната стабилност, во услови на активна војна на териоторијата на Европа, вели Марјан Забрчанец, национален координатор за „Отворен Балкан“ и за регионални иницијативи во интервју за Нова ТВ.
– Во сите области имаме сериозен и видлив напредок, а ги имаме и првите резултати на директен бенефит за реалниот сектор, во случајов за компаниите кои извезуваат земјоделски производи. Имено, сега со Отворен Балкан, сериозно се скратени постапките околу фитосанитарните, ветеринарните и останатите безбедносни проверки на квалитетот на храна и земјоделски производи, службите работат 24 часа, 7 дена во неделата, а било какви предизвици во спроведување на новиот модел на “крената рампа” брзо се решаваат преку заедничка силно изразена волја и соработка меѓу трите држави.
Компаниите и превозниците се информирани за бенефитите и олеснувањата и самите проактивно се повикуваат на Отворен Балкан и бараат брз проток на границите.
Намерата е транспортните возила и пратките од Отворен Балкан секогаш да имаат приоритет, а наскоро на граничните премини ќе видиме табли со визуелни ознаки на посебните зелена ленти за камионите од Отворен Балкан, преку кои брзо, без застој и без чекање ќе ги проаѓаат границите.
Покрај тоа, интензивно се работи на активирање на протоколите за препознавање и признавање на образовни и професионални компетенции и квалификации стекнати во образовните системи на било која од државите членки, како и на отстранување на потребата од издавање и поседување посебни работни дозволи. Со овие проекти создаваме единствен, заеднички пазар на труд во кој граѓаните се движат слободно и полесно, работат слободно, заработуваат повеќе и живеат подобро.
За таа цел, за полесно институционално обезбедување на ваквите слободи, работиме на техничко решение за Отворен Балкан единствен идентификациски број за секој од граѓаните кои имаат интерес да ги користат можностите и да ги користат нивните права за слободно економско дејствување во рамки на регионот.
Паралелно со тоа, се финализира листата на царински, гранични и инспекциски такси и давачки кои граѓаните и фирмите веќе нема да ги плаќаат при влез и излез од својата држава кон било која друга членка на Отворен Балкан.
Новите области во кои развиваме идеи, а за кои лидерите Ковачевски, Вучиќ и Рама се особено заинтересирани се областите туризам и култура, со посебен фокус на младите луѓе како корисници на придобивките.
Лидерите веќе ни дадоа задачи да развиваме проекти за промоција на регионот како потенцијал за вински туризам, за заеднички Отворен Балкан филмски продукциски фонд, за музички и културни фестивали и за размена на млади по разни програмски основи, вели Забрчанец во интервју за Нова Тв.