Средбата на лидерите на Србија и Косово (Охрид, 18 март 2023) е регионален и европски настан од највисок ранг, на која се решава едно од најгорливите прашања во регионот и пошироко. Разговараме со Марјан Забрчанец, Национален координатор за Отворен Балкан и за регионални иницијативи, за значењето на овој настан, како и за улогата на нашата земја во овој и во поширок контекст.

„Вредностите на мирот и стабилноста најдобро се осознаваат кога тие се загрозени. Пред нашите очи се случува руска воена агресија врз суверената Украина, како и антидемократски хибридни напади врз територијата на Западен Балкан. Во вакви, услови, нема поважно нешто од наше повторно исправање пред предизвиците и наше повторно одговорно однесување во сопствено име, но и во име на регионот“, изјави Забрчанец за ЦИВИЛ Медиа.

Според Забрчанец, очигледно е дека меѓународната заедница, а и нашите соседи Србија и Косово го препознаваат нашиот перформанс во градењето мир и соработка на Балканот. „Како земја, како народ и како Влада, треба да сме горди што сме препознаени како платформа која може да придонесе кон трајни мировни решенија кои регионот го носат напред“, додава Националниот координатор, Забрчанец.

Кое е значењето на средбата Вучиќ-Курти во Охрид, воопшто и во контекст на процесите за унапредување на регионалната соработка во регионот на Западен Балкан?

ЗАБРЧАНЕЦ: Средбата на лидерите на Србија и Косово има огромна важност од две причини. Прво, целта е да се реши едно од двете најголеми отворени прашања на Балканот. И второ, се случува во крајно специфичен временски момент и контекст, кога светот е под закана на руските воени и хибридни агресии насочени кон европските земји и кон земјите членки или аспиранти за членство во НАТО.

Без разлика на исходот од утрешните охридски преговори, напорите кои ги вложуваат двете преговарачки страни, посветеноста на ЕУ и САД во барање решение и поддршката која ја даваме и ние како држава и целиот регион, покажуваат одговорност и посветеност кон мир и стабилност во моменти кога безбедноста е загрозена на глобално ниво. Верувам дека утрешната средба во Охрид е голема инвестиција во мирот на Балканот и во забрзување на нашиот заеднички европски напредок.

Не е првпат во нашата земја да се одржуваат значајни средби и да се потпишуваат значајни спогодби што се однесуваат и на горливи регионални прашања. Што значи тоа за нашата земја?

ЗАБРЧАНЕЦ: Ние, и како држава, и како општество, во неколку наврати демонстриравме одговорност пред внатрешните политички предизвици, но и во однос на отворените прашања со соседите.

Зад нас имаме два сериозни договори, Рамковниот и Преспанскиот, со кои обезбедивме траен мир и трајна интеграција на нашата земја во правец кон демократскиот свет. Иако со повеќе предизвици, на наше тло и во корист на европската перспектива на Балканот го склучивме и Договорот за соработка и пријателство со Бугарија, за чие обележување како успешен ни преостануваат уште неколку чекори за кои сум уверен дека се достижни и дека не повредуваат никого.

Кои се перспективите на регионалната соработка и која е улогата и значењето на Северна Македонија во тој контекст?

ЗАБРЧАНЕЦ: Очигледно е дека меѓународната заедница, а и нашите соседи Србија и Косово го препознаваат нашиот перформанс во градењето мир и соработка на Балканот. Како земја, како народ и како Влада, треба да сме горди што сме препознаени како платформа која може да придонесе кон трајни мировни решенија кои регионот го носат напред.

Наша одговорност е да продолжиме во таа насока, да работиме дома на одржување на мнозинството кое ја води земјата напред, да ги негуваме и унапредуваме односите со соседите уште повеќе, а предизвикот во односите со Бугарија да остане приоритет за решавање во најбрз можен рок.

Вредностите на мирот и стабилноста најдобро се осознаваат кога тие се загрозени. Пред нашите очи се случува руска воена агресија врз суверената Украина, како и антидемократски хибридни напади врз територијата на Западен Балкан. Во вакви, услови, нема поважно нешто од наше повторно исправање пред предизвиците и наше повторно одговорно однесување во сопствено име, но и во име на регионот.

Нашата улога во рамки на регионалните иницијативи за соработка како што се Отворен Балкан или Берлинскиот процес е суштинска и лидерска, имајќи предвид дека заедно со Албанија веројатно сме двете држави со најмалку отворени прашања во Западен Балкан, било домашни било со соседите. Ние имаме и право и обврска да ги интензивираме односите со соседите од регионот и тоа го правиме интензивно со различните проекти и иницијативи. Тоа е наша задача пред се заради економските перспективи, заради полесна мобилност на граѓаните и компаниите и заради обезбедување силна економска динамика во рамки на Западен Балкан и на релација Западен Балкан – ЕУ – САД, што е гаранција за повисоки стандарди и подобар живот на нашите народи.

Превземено од Цивил Медиа