Националниот координатор за стратешки комуникации во Владата на Северна Македонија Марјан Забрчанец денеска учествуваше на панелот на тема „Во борба против дезинформациите со информации: Обезбедување безбедност преку факти“, во рамки на Бледскиот стратегиски форум кој оваа година беше посветен на „Иднината на Европа“.
Панелот си постави за цел да одговори што прави ЕУ на темата борба против дезинформациите, како со оваа појава се справуваат одделните држави и граѓанските организации и како борбата против дезинформациите со информации и обезбедување безбедност преку факти рефлектира на иднината на Европа.
Националниот координатор Забрчанец информираше на панелот во Блед дека нашата земја беше изложена на дезинформации кои во одредени периоди добиваа на интензитет какви што беа во случаите со уставните промени и референдумот, договорот од Преспа, изборните периоди и за време на целиот период на спроведување на реформските процеси во земјата.
Ширењето на дезинформации е постојано нагласено и во однос на мигрантските кризи, особено во последниот период во однос на кризата во Авганистан и со бегалците од оваа земја како хуманитарната криза.
Лажните вести и дезинформации, потенцираше Забрчанец беа и сѐ уште се активни кога е во прашање пандемијата со КОВИД-19 и особено во актуелниот период кога во земјата се спроведува масовната вакцинација која се опструира со дезинформации.
„Дезинформациите и лажните вести се сериозна закана за демократијата и демократските процеси и за справување со овие појави Владата на Република Северна Македонија креираше акциски план со насоки за препознавање и за демистификација и ги покани сите засегнати страни да се вклучат во постојаното усовршување на планот за успешна и ефикасна борба против деизнформациите“, истакна Националниот координатор за стратешки комуникации во Владата на Република Северна Македонија, Марјан Забрчанец.
Тој посебно нагласи дека во борбата со дезинформациите е неопходна проактивност и активна транспарентност наместо само реактивна и дефанзивна стратегија заради фактот што на тој начин оние што ги продуцираат лажните информации ќе бидат постојано во предност.
„Треба да создадеме услови за промена на играта. Владите, граѓанските и меѓународните организации кои се обединети во заедничката борба против дезинформациите, наместо да живеат во страв, треба да бидат проактивни во промоцијата на демократските вредности и со активна транспарентност да ги елиминираат влијанијата на дезинформациите. Кога граѓаните ги имаат на увид сите факти, на креаторите на дезинформации ќе им биде многу потешко да манипулираат. Тие информации најтранспарентно треба да се обезбедат, да се продуцираат, да се публикуваат и промовираат“, потенцираше Забрчанец и додаде дека со дополнителна интензивна меѓусекторска соработка, како и со стратегиска програма за медиумска писменост се создаваат услови за заедничка и ефикасна промоција на демократските вредности како противтежа на дезинформациите.
Националниот координатор за стратешки комуникации во Владата на Република Северна Македонија, Марјан Забрчанец на панелот во Блед нагласи дека соработката и вмрежувањето за споделување искуства и за дефинирање на клучните заеднички активности за борба против дезинформациите помеѓу сите засегнати страни во земјата, но и во регионот, е од исклучителна важност.
Во завршницата на панелот Забрчанец потенцираше дека информациската војна меѓу поддржувачите и противниците на демократијата ќе ја добијат оние кои имаат јасен концепт и јасна визија за иднината и за развојот на општеството.