За вториот круг на локалните избори акредитирани се вкупно 1622 набљудувачи, од кои 957 домашни, 651 меѓународни и 14 странски новинари, информира Државната изборна комисија (ДИК).
Најмногу домашни набљудувачи има Здружението за развој на општествено-социјални иновации „ВАКЕ УП“ – Скопје со 685 лица, додека останатите организации имаат помал број претставници. Меѓу меѓународните, најголем дел доаѓаат од ОДИХР – Канцеларија за демократски институции и човекови права, со 500 набљудувачи, проследени од Амбасадата на САД со 30 и Советот на Европа со 24 набљудувачи.
Изборите ќе ги следат и 14 странски новинари, меѓу кои претставници од ТВ Клан Косово, ТОП Канал Албанија, ТРТ и други медиуми.
Во денот на изборите, канцеларијата на Народниот правобранител ќе обезбеди бесплатна телефонска линија (0800-54321) за пријавување на евентуални повреди на избирачкото право, а граѓаните ќе можат да се обратат и во подрачните канцеларии во Битола, Кичево, Куманово, Штип, Струмица и Тетово. Правобранителот најави итни мерки за заштита на правата на гласачите.






















