Морталитетот се зголеми во Франција за време на пандемијата на коронавирус, со посилен пораст кај луѓето што живеат во Франција но родени во странство, покажуваат податоците денеска објавени од Службата за статистика Инзи.
Севкупната смртност – имајќи ги предвид сите причини за смрт – во Франција се зголеми за девет проценти минатата година, соопшти Службата, пренесува ДПА.
Меѓу луѓето родени во Франција, смртноста минатата година се зголеми за осум проценти, додека кај луѓето кои се родени во странство, смртноста се зголеми за 17 проценти – што е повеќе од двојно.
Зголемувањето е особено големо кај луѓето кои живеат во Франција и се родени во Азија или Африка. Луѓето родени во регионот на Магреб забележаа пораст на смртноста од 21 процент, додека таа е за 36 проценти повисока кај луѓето родени во други африкански земји.
За луѓето родени во Азија, смртноста се зголеми за 29 проценти.
Луѓето родени во други западноевропски земји, во Америка и Океанија, забележале сличен пораст на луѓето родени во Франција, според Инзи.
Генерално, смртноста најмногу се зголеми за време на првиот бран на пандемијата во текот на минатата пролет, додека вишокот на смртност беше помалку остар за време на вториот бран есеноска. Статистичарите велат дека не се во можност да ги објаснат разликите само врз основа на овие податоци.