Италија ќе воведе петдневен карантин за патниците од земјите-членки на ЕУ, соопшти денеска италијанското Министерство за здравство.
Сите патници од Европската унија ќе мора да бидат тестирани пред патувањето, да го почитуваат петдневниот карантин и потоа, по карантинот, повторно да бидат тестирани. За патниците кои ќе дојдат од земја надвор од ЕУ, во сила е карантин од 14 дена.
Мерката се однесува на сите што се движат кон и од полуостровот, вклучително и италијанските државјани, изјави претставник на Министерството.
Новата мерка стапува на сила веднаш, следниот ден по објавувањето во службен весник, и ќе важи до 6 април, соопшти Министерството, бидејќи Велигденскиот викенд, што почнува во сабота и завршува во понеделник, е многу популарен меѓу странските туристи за посета на Италија.
Во повеќето делови на земјата се воведени строги мерки за да се спречи ширењето на инфекцијата во третиот бран од Ковид-19, при што кафулињата и рестораните се затворени, а патувањата се ограничени.
За време на Велигденскиот викенд цела Италија ќе биде во црвена зона, што значи висок ризик од инфекција и максимални мерки за заштита.
Во земјата од Ковид-19 досега умреа над 108.000 лица, според Министерството за здравство.