И годинава оние верници што се причестуваат ќе користат една светата лажичка и покрај пандемијата и мерките кои се превземаат поради истата. И од теолошка и од научна гледна точка лажичката може да се користи без никаков проблем, вели отец Оливер Петровски, бидејќи пред извесен период во Москва имало истражување на „светата лажица“ после причесната дали содржи било каква бактерија или вирус и се испоставило дека нема.
„Светата причесна е најголемото таинство кое го соединува човекот со Бога и духовно и телесно, Затоа што со причесната ги примаме крвта и телото не на обичен човек, туку на Бога којшто стана човек. После причестувањето во клетките на нашето тело влегуваат клетките од крвта и телото на нашиот Господ Исус Христос и во нашата вена тече неговата крв“, вели отец Оливер Петровски за ТВ21.
Посетите во верски објекти и масовни собирања и тогаш кога не се дозволени секогаш се можни и секогаш од таму потекнуваат мини кластери. Сега се отворени црквите и џамиите. Но, не само Владата со рестриктивни мерки, туку и луѓето преку својата одговорност и превенција треба да се заштитат од вирусот – вели Филипче, за да се одржи трендот на намалување на бројките на новозаразени.
„Не сум го слушнал ова во текот на вчерашниот ден, ако има таква најава , а тоа е сериозен ризик, јас го осудувам тоа. Апелирам тоа да не се прави. Ако има можност да се најде алтернатива или воопшто да не се прави. Впрочем земаа обрска и верските лидери на заедничките состаноци да апелираат се во интерес на здравјето на граѓаните“, порача Венко Филипче.
Кон причестувањето треба да пристапуваме побожно без да имаме никаков страв. Ставот на црквата е тие што се плашат да не се причестуваат – вели отец Оливер.
Извор ТВ21