Веледрогеријата „Пановски“ реагираше на изјавите од страна на ВМРО-ДПМНЕ и нивниот пратеник Миле Лефков кој денеска на прес-конференција кажа дека веледрогеријата Др. Пановски, „е сопственост на таткото на Ирина Пановска, која Венко Филипче ја постави за директорка на Клиниката за Хематологија од 2022 година до сега земала неверојатни 35 милиони евра тендери само од Клиниката за онкологија и радиотерапија“.

„АД „Д-р Пановски“ Скопје не е политичка партија и не учествува на избори, туку е приватна компанија, меѓународен конзорциум во кој има ЕУ и швајцарски капитал, и е основана пред 30 години. Оттука, обидот да бидеме вовлечени во дневно-политичката пресметка на партиите, го сметаме за непосредно загрозување на темелните вредности на македонскиот устав како „правната заштита на приватна сопственост“ и „слободата на пазарот и претприемништвото“.

Земајќи предвид дека последниот напад доаѓа од пратеник на владејачка партија, истиот го доживуваме и како директна закана, за што ќе ги информираме надлежните меѓународни организации.

Особено што тоа го направи на крајно клеветнички и неодговорен начин кон АД „Д-р Пановски“, и без никаков основ нѐ посочува како директен виновник за недостаток на лекови во јавното здравство за најтешко болните пациенти. Ваков говор на омраза е многу опасен преседан за македонските компании, креира правна несигурност што е недозволиво за држава која е полноправен член на НАТО Алијансата и претендент за полноправно членство во ЕУ.

Апсолутна невистина се обвинувањата дека АД „Д-р. Пановски“ ја диктира ценовната политика на лековите и со тоа наводно го уценува јавното здравство со високи цени за онколошка терапија. Законот за формирање на цени на лекови е донесен во 2007 година со кој се регулира начинот на формирање на цените на лековите, каде јасно стои дека одговорни за методологијата за формирање на цени се Министерството за здравство и одделот за формирање на цени на лекови при министервото.

Зад квалификациите дека „Д-р. Пановски“ е омилена партиска веледрогерија всушност се кријат бизнис интереси со цел да се наместат нови доставувачи на лекови и медицински материјали и опрема.

Добронамерно му порачуваме на г-дин Лефков, пред да ја стави АД „Д-р. Пановски“ повторно во некаков партиски контекст, внимателно да се информира, колку јавните здравствени институции имаат заостанати долгови кон нашата компанија за веќе испорачани лекови и во кој период истите долгови се акумулирани.

Наш императив е пациентите да добиваат и да им биде достапна најсовремена медицинска терапија и затоа не ретко сме се ставале во функција на јавното здравство и тогаш кога тоа било на наша штета.