Владимир Перев

Си замина величенствениот и неповторлив Волфганг Петерсен. Неговата “Подморница“ (“Das Boot, 1981 г.) отвори нови визури за херојството, за животот и смртта, но најмногу за емоциите и човечката емпатија. Сите, буквално сите во киносалата “Вардар“, од првиот до последниот ред, навивавме за германците. Од киното излеговме потресени и разочарани, некои со насолзени очи, со чувство дека е неправедна смртта на германските подморничари на крајот на филмот. Да, смртта е секогаш неправедна, а често пати и животот, уште повеќе, знае за неправди и суровости. Тогаш живеевме во едно друго општество и нашите реакции беа човечки. Уметноста на Петерсен не принуди на тоа.

Денес “патуваме кон Европа“. На тоа патување разбравме за изразот “тојагата и морковот“, нешто кое требаше да ни го објасни нашето вечно вртење во круг, неспособноста да се придвижиме напред. Да учиме дека Европа нуди “морков“ како илузија, ама го држи стапот така, да не може да го достигнеме. Потоа, тој стап се претвори во тојага со која нѐ маваат безмилосно. Тоа ни го кажуваат оние кои требаше да не воведат во Европа. Остатоците на распаднатиот труп на социјализмот, од кого истите тие ги исцицале сите сокови на животот. Од пролетери, станаа олигарси и како такви, преговараа со западните олигарси за нашиот пат кон Европа. Западот ги прими, бидејќи само тие имаа економски капацитет и врски во странство за таква соработка. Таквиот криминал не им пречеше, тие знаат што е тоа првобитна акумулација. Затоа и никој не ги праша нашите, “како го заработивте првиот милион“.

Македонските раководства од 1990 па се до денес, не покажаа капацитет и добра волја за промена на тешкото наследство од социјализмот. Тие раководства разбраа дека во “новиот свет“ треба да заминат тие самите, а народот да биде оставен во оној меѓупростор на постсоцијализам, место каде што владее вечно проклетство, пекол за граѓаните, вечна сиромаштија и борба за преживување. Нашите олигарси разбраа дека немаат ниту сили, ниту пари, ниту обарование, а најмалку волева компонента во карактерот, за да можат да се носат со демократските процеси во современиот свет. Затоа нѐ оставија во просторот на беззаконието, рај за криминалците со перо и со асистенција на силовите служби. Изјавата на Киро Глигоров, “не ме оставајте сам“, во моментите кога требаше да биде избран за претседател, стана мото на неспособноста и стравот на една нација да влезе во битка за иднината.

Од многуфалениот богат живот во титовата Југославија и илузиите за еднаквост и социјална правда, на олигарските и банкарите им останаа незаслужените материјални богатства, а на обичниот човек му остана само бруталниот национализам и бескрајната омраза кон сѐ и сѐшто кое личи дека е по добро од нас. Лажните спомени за лажното богатство и слобода кои сме ги имале, се вртат како расипана плоча на некој изветвен грамофон, а народот гледа немоќен да ја прекине таа бескрајна лага на корифеите на постоцијализмот. Факт е, сите раководства и председатели се покажаа неспособни да обезбедат минимална човечка егзистенција и достоинство. Затоа пак, како замена го понудија она што не ги чинеше ништо-национализам и омраза.

Ние сме општество со Јанусов лик. Го сакаме Тодор Александров, ама само ако е македонец, ако е бугарин, го мразиме и го поливаме со бела боја. Гоце Делчев никако не можеме да го примиме како бугарин, ама Димитар Влахов, архибугаринот и царскиот слуга и на Фердинад и на Борис го примаме, бидејќи кажал дека е македонец. Дали кажа некој дека и тој и син му Густав се агенти на НКВД и дека тие ни го донесоа сталинизмот и бедата на Македонија. Ќе каже ли некој дека на нив и на конвертитот и агент Павел Шатев се должи несреќната позиција на оваа земја и бедата, материјална и духовна на нашиот народ. Ги мразиме Борис и Фердинанд, а паметници правиме на нивните слуги. Тие в раце ги имаа и тојагата и морковот. Таа власт градеше социјализам и ја градеше Македонија, прво со тојагата (смртни пресуди, смрт без суд и пресуда, национализации, експропријации и сл.), за потоа, по дваесет години терор, да даде пасоши за луѓето да тргнат низ европите и америките и да си го бараат “ветениот морков“.

Проклетството на морковот го гледаме и со односите с соседите. Вучиќ ни ветува вакцини, кои и тој ги нема доволно, сега ни ветува и струја кој тој ја нема воопшто за давање. Ни ветува и жито и масло и “храна“, ама колку и по која цена, тоа никој не говори. И тоа го нема отповеќе. Сме биле браќа. Ќе дадел сѐ за нас! Сѐ од малку е скоро ништо. Да го прашаме само колку е земано од Македонија, за да стигнеме до таму, да ни се дава нешто…веројатно и тоа земено во некој бивш живот, социјалистички или кралски, сеедно. Сепак, ни го нуди морковот. Морков нема, а сите среќни.

Грција ни е пријател, бидејќи не пушта да одиме на нивното море со наши пари. Помош за нивната економија. Никој не го споменува грчкото вето. Траеше колку најстрашната, триесет годишна војна во средновековна Европа. Ембаргото, немањето гориво и енергија во македонските болници, каде што родилките и нивните деца умираа, не се споменува…веројатно затоа што ќе треба да се спомене и кој го “кршеше“ ембаргото. Сите знаат-тоа беа нашите тогашни, сегашни и отсекогашни душмани-бугарите!

Омразата кон бугарите е духовна храна за простаците и умоболните, а неопходност за опстојување на македонската посткомунистичка криминална олигархија. Омразата е параванот за нивната заштита, а нејзиното редовно потхранување е димната завеса низ која обичниот човек не може да ги осознае фактите. Никому не му е гајле чиј е Гоце Делчев и дали македонската нација постои од хунзите, од Александар или од Тито. Лажливиот мит за вековната и вечна Македонија не е само заблуда. Тој е инспириран од властодршците, тоа е влез во бескрајната спирала на омразата, врз која се заснова цел еден систем на неспособни и подкупливи. Така ги направиле богатствата, така и почнаа да ги губат. Тука не помага ни коруптивното судство, ни насилната политизирана полиција. Во нашиот случај, при наведените услови, почнуваат да важат природните закони-посилниот победува!

Тоа ќе биде крајот на една државност. Зарем никој не помислил, дека ако системот на посилниот владее внатре, наполно беззаконо, тогаш и некој од надвор, по силен тоа ќе го примени, кон нас послабите.

 

Има перцепција дека денес тојагата-ветото е во раката на Бугарија. На Радев не му треба тоа. Ветото е само механизам за исправање на илузиите. Нему, руската солдатеска му дише во вратот, а “петата“ колона го разјадува одбрамбеното бугарско ткиво. Во целото наше опкружување, само Бугарија има струја за продавање. Време е некој да го праша Радев, зошто не ни нуди струја, да презимиме. Нека се угледа на Вучиќ и нека каже дека сме браќа. Да не се плаши, нема ништо безплатно и меѓу браќата. “Сирењето е со пари“, па и меѓу македонците и братските срби. Бугарија има храна, во секој случај, повеќе од нас. Треба да ни понуди. Некој треба Радев да го праша, зошто во Македонија нема некаква бугарска медицинска помош, сите знаеме за високото ниво на бугарската медицина. Народот да го засака Радев онака како што го сака Вучиќ. Знаеме нели, дека љубовта секогаш е материјална.

Не верувам дека некој ќе се осмели да го праша, дури ни оние превејаните, кои учествувале во сите власти. Се плашат од одговорот. Не, нема да ги условува ни со Гоце, ни со Даме ни со Тодора Александров. Ќе ги прати да го гледаат филмот на Волфганг Петерсен “Das Boot”, па потоа да дојдат по одговори. Треба да научат за човечност без грди зборови, за емпатијата кон поинакумислечките, кон обичните луѓе, фрлени во бурите на морето и животот.

Приказната за морковот и тојагата, ја кажуваат само оние кои го “јаделе“ стапот…оние кои го “јадат“ морковот, молчат и уживаат во привилегиите. Не се далеку, тие се тука меѓу нас и ние ги препознаваме, ама…