Над 70 текстилни работници пријавиле во невладината организација „Гласен текстилец“ дека воопшто не примиле К-15 или дека им биле исплатени 250 до 2000 денар.
– Имаме исплатено износ од 2.000 денари и тоа го имаме во фирма во Делчево каде што се организирани во синдикат и воопшто неисплатен регрес во фирма во Скопје, која исто така е со членство во синдикат. Компаниите за жал ги користат аномалиите во колективниот договор, а кои со години се провлекуваат, вели Кристина Ампева од оваа невладина организација.
Таа посочи дека и на трудовиот инспекторат му се врзани рацете, зашто тие можат да реагираат само онаму каде што на работниците по овој основ не им е уплатен ниту денар.
– Таму се дава решение од страна на Државен трудов инспекторат. Обично тоа се рокови од 8 до 15 дена, па подоцна доколку работодавачот не го исплати регресот за годишен одмор, следуваат казни и слично, додава Ампева.
Според неа, исплатата на К-15 мора да биде јасно прецизирана во новиот Закон за работни односи и не смее да се прави дискриминација меѓу приватен и јавен сектор.