Никица Корубин
Додека ВЛЕН се’ уште го бара сопствениот лидер во сопствената суштина на постоењето надвор од матрицата на “анти-ДУИ подобен коалиционен партнер”; интересен е односот и “спинувањето” на медиумите (и јавноста) кон конгресот на ДУИ и особено кон пораките, односно усвоените резолуции. Резолуции – “за зајакнување на унитарниот карактер на државата и консолидирање функционална еднаквост, за владеење на правото, независното судство и враќање на довербата во институциите, за национален договор за напредок и одржливиот развој на државата и за европската интеграција” – кои се обраќаат на сите и на суштината на функционалната правна држава; за разлика од резолуциите на македонскиот двоец позиција-опозиција кои формално и декларативно се занимаваат во “фројдовски манир” со мигранти, манипулации, стравови и фобии. Разликата е очигледна, зарем не?
На страна што, особено “чувствителните” теми како – ветинг, досиеја од 1945, ЕУ и европска интеграција” беа скриени и засенети во анализите и текстовите позади “страшилото” – бадентеровиот принцип, проширен на влада и уставен суд. Уште една фобија, во ново руво, додадена на постоечките и водечките – тррадиционални антибугарски и антиалбански фобии, сами по себе – која треба да го сокрие очигледното – а, што е всушност спорно и неприфатливо во ставот на ДУИ за сегашноста и иднината на државата и сите нејзини граѓани, во сите четири резолуции?
И бидејќи прагот за степенот на “реформирањето на ДУИ во опозиција” е многу високо поставен од страна на “јавноста”, особено ако репер е поведението на македонските партии кои сите заедно помалку ја споменуваат ЕУ, трите стратешки договори (Охридски, Преспански и Договорот со Бугарија) и длабинските реформи, отколку ДУИ во едно соопштение; заклучокот е јасен на “селективноста” во потенцирањето на пораките; каде што дури и “страшниот бадентеров принцип” е помалку страшен од “ЕУ преговорите” и особено обврските кои само последователно се потврдуваат во сите ЕУ извештаи; за да кулминираат во Законот за одбранбената политика на САД.
И бидејќи само ДУИ јавно говори со “јазикот” компатибилен со ЕУ и САД, како стратешка егзистенцијална определба и партнерство – кој е всушност јазикот на зрело, принципиелно и одговорно поведение на една држава, која ја разбира својата позиција во регионот, Европа и светот и превземените обврски – дали може да кажеме дека “ДУИ е реформиран”, а ако не, кој е критериумот за “реформирање” наметнат од “СДСМ, ВМРО ДПМНЕ и јавноста” ама со практичен пример на нивно (реформирано) поведение, а не декларативно? И особено, кога се ЕУ интеграциите во прашање, со практичен пример на поведение на ВЛЕН? Без помошта на Албин Курти.
Што не доведува до “лидерството”. Дали всушност, ВЛЕН се’ уште не се во состојба да пронајдат лидер (иако треба да имаат и субјект за лидер), затоа што нивниот “лидер” воопшто не е во Северна Македонија, туку во Косово? Константното “ангажирање” на косовскиот премиер Албин Курти, и отвореното фаворизирање – не нужно на коалицијата ВЛЕН, туку на ВЛЕН како коалиционен партнер во ваква владина констелација – го отвора прашањето за постоењето на ВЛЕН без (влијанието) на Албин Курти?
Што е суштинско прашање за автентичноста на Албанците во Северна Македонија, на кои Албин Курти (или било кој друг) може само да им помогне или одмогне, водејќи се од изворните интереси на сопствената држава Косово; но никако не може да ги води и да биде “позајмен лидер”. Затоа што “лидерството” е иманентна категорија и состојба на умот, кој потоа реализира или не, согласно со свеста за сопствената моќ. А, моќта што ја има Албин Курти, природно мора да биде наменета за сопствените граѓани и држава, чие суштински позиционирање и етаблирање, само по себе потоа ќе биде позитивно влијание и за Албанците во Македонија и за регионот.
Во ваква констелација на политичката сцена, и во контекст на само-блокирани ЕУ интеграции, во наследен “колонистички” манир; како и на компромитирање и потчинување на албанскиот партнер; всушност македонските партии (позиција-опозиција) заедно со “јавноста” го “реформираа” ДУИ и го востоличија Али Ахмети како некој кој може да се нарече, изворен и автентичен лидер на Албанците во Северна Македонија; но и севкупно единствен “политички лидер” во Северна Македонија. Кој, “конгресно” говори со јазикот на кој треба да говорат избраните “лидери” на највисоките политички позиции. Дали се задоволни од исходот на повиците за реформирање, е друго прашање.
Прашање на кое немаат одговор. Како ни на многу други процеси, кои неминовно се одвиваат. Zeitgeist. Духот на времето. Или го чувствуваш или не. Или го спознаваш и прифаќаш, или те одминува. И не е секогаш проследен, од оној кој е замислен да го спроведе, туку од оној кој најдобро се адаптира на промените. Промени, кои беа барани од оние, кои сега не можат (или не сакаат) да ги воспримат. Како велат, внимавај што ќе посакаш може и да се оствари. И особено, внимавај кога ќе посакаш. Тајмингот е добар, треба само да го сфатиме и фатиме. Ако, суштински, покрај декларативно се држиме до целта и суштината – европска и нормална држава.























