Најмногу девет лица од две семејства дозволено е заедно да ги слават божиќните и новогодишните празници во Грција, додека пак црквите ќе бидат отворени за верниците само три дена, на Божиќ, Нова година и на Водици, според одлуките на грчката Влада објавени во Службен весник на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Со оглед на тоа дека земјата е во карантин до 7 јануари 2021 година, со забрана за движење и собири на граѓаните и полициски час од 22 до 5 часот наутро, Владата со одлуката, дозволува собири во домовите на 24, 25 и 31 декември и на 1 јануари, на најмногу девет лица кои се од две семејства.

За празниците, не се предвидени промени или скратување на полицискиот час.

Во однос на црквите, остануваат затворени за верниците со исклучок на литургиите на Божиќ (25 декември) за Нова година (1 јануари) и за Водици (6 јануари) кои ќе бидат со присуство на верници под конкретни правила: едно лице на 15 метри квадратни и најмногу 25 лица, а во соборните храмови, може да има над 50 верници.