Производи со поминат рок, артикли на чии декларации не пишува од каде потекнува и што содржи производот се само дел од недостатоците на македонскиот пазар. За првите пет месеци од годинава Агенцијата за храна и ветеринарството уништила речиси 70 тони храна која била небезбедна за потрошувачите додека во 2020 година уништени биле 240 тони храна.

Advertisements

„Годинава граѓаните преку АХВ кога е безбедноста на храната во прашање алармираат за присуство на контаминенти, продажба на производи со поминат рок на употреба, сомнеж за труење со храна, сомневање во квалитет на производите, несоодветно означување. Дали е тоа путер, кашкавал, сусам, имавме уништување на една компанија на месни преработки кои не ги задоволуваат критериумите“, рече Николче Бабовски- Директор на Агенција за храна и ветеринарство.

Граѓаните најмногу се жалат за несоодветните декларации а драстично е намален бројот на поплаки за производи со поминат рок.

„Имавме поплаки на чувањето на производите, на декларирањето на производите кои што не беа соодветно декларирани, не може да се види декларацијата, не е добро направена на проѕирна хартија со бели букви и потрошувачите не можат да прочитаат“, рече Маријана Лончар-Велкова-Претседателка на Организацијата за заштита на потрошувачите.

Од друга страна граѓаните велат дека често се случува да најдат храна со поминат рок, но не ја пријавуваат туку ја фрлаат.

„Купив храна со поминат рок, ќебапи и една плескавица се сум фрлила, беа со поминат рок.“

„Од кисело млеко па се до месо, се мислам дека е катастрофа.“

“Не знам дали е контролирана храната која доаѓа од странство. Поминат рок ако има, не само декларацијата ја вадат и ставаат друга, треба директно на производот да има печат од кога до кога важи“, велат анкетираните граѓани.

Глобата за производство или продажба на несоодветна храна се движи од 250 до 9 илјади евра во зависност од сторениот прекршок. Граѓаните од почетокот на годината поднеле 173 претставки од кои 74 се однесуваат за безбедноста на храната.

Андреа Чобанова