За претседателот Стево Пендаровски е прифатлив предлогот на новоизбраниот бугарски премиер, Кирил Петков, историјата да не биде единствениот фокус на разговори, но смета дека најавениот период од шест месеци, за надминување на спорот, е долг бидејќи, како што кажа, спорот можело да се реши побрзо.
„Мене ми е прифатлив пристапот на новиот бугарски премиер кој заговара историјата да не биде единствениот канал преку кој ние, како две соседни држави, комуницираме. Да разговараме за инфраструктура, за енергетика, за економија, за трговска размена, за европски интеграции, за човекови слободи и права, но секако не да разговараме за тоа што се случило пред 3 или пред 5 века. Тоа е модерен пристап кој го поддржувам. Се разбира, не го поддржувам временскиот рок, кој беше најавен, од шест месеци. Мислам дека проблемот помеѓу нас може да се реши за многу покус временски период“, рече Пендаровски.