Пишува: Никица Корубин
Кога нашите избрани и именувани политички лица (пратеници, претседател, премиер, министри), претставувајќи не’ надвор, државата и нас граѓаните, согласно нашиот устав; ќе изјават “храбро и патриотски” дека се грижат за “нашинците” во соседните земји и секаде во светот, како што вели министерот за надворешни работи, “во одбрана на нашите позиции, односно позициите на сите Македонци кои живеат во било која земја во светот” – на кои точно “нашинци” мислат: на етничките Македонци или на сите граѓани на Северна Македонија, кои може да бидат и со друга етничка припадност?
И дополнително, дали “нашинците” се наши, затоа што се наши сограѓани, наши државјани иселени во регионот или било каде во светот, или се “наши” затоа што се со иста етничка припадност? Но, за да биде политички доследно и коректно, и пред се’ правно втемелено, како што е и единствено можно за највисоки политички функции; да видиме што вели уставот за “нашинците”, регулирани во членот 49 од уставот, два пати променет, дел од Времената спогодба од 1995 година, од Советот за безбедност на Обединетите нации и дел од Преспанскиот договор и уставните промени од 2018 година.
Оригинално членот 49 гласи: “Републиката се грижи за положбата и правата на македонскиот народ во соседните земји и за иселениците од Македонија, го помага нивниот културен развој и ги унапредува врските со нив. Републиката се грижи за културните, економските и социјалните права на граѓаните на Репибликата во странство.”
И токму вака апострофиран членот, нема апсолутно никаков проблем, во “одбраната на нашите позиции” и грижата за нашинците во соседството. Освен што овој член е амандмански дополнет, за помалку од два месеца од кога е донесен со едно “појаснување”: “Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи”.
Па, оттаму за да не се чувствуваме како во временска машина, заглавени баш во тие два месеца, на крајот на 1991 и почетокот на 1992 година, кога единствено тој член бил на сила и теоретски “грижата за нашинците возможна”; исклучително важно е појаснувањето, врз основа на кој тоа устав, нашите претставници, кои се инаку избрани за да “се грижат за нас тука” се грижат за “нашинците”: верзијата од 1991 вон сила, дополнетата верзија од 1992 година, исто така вон сила; или единствената валидна верзија, онаа “на сила” од 2019 година?
“Републиката ги штити, гарантира и негува особеностите, историското и културното наследство на македонскиот народ. Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство. Републиката се грижи за дијаспората на македонскиот народ и за дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите и ги негува и унапредува врските со татковината. Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.” – гласи членот 49 сега.
Ако, ништо друго една дилема е разјаснета. Согласно, нашиот устав, “нашинци” се сите државјани на Северна Македонија, како и дијаспората иселена од тука, без разлика на нивната етничка припадност и сите избрани и именувани функционери, секако може и да постапуваат само согласно уставот, според кој имаат обврска за непристрасно постапување. И притоа, согласно заклетвата која ја даваат, дека “ќе го штитат и чуваат нашиот устав”, “нема да се мешаат во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи”.
Оттаму, отвореното и константно ламентирање за овие “два месеца” на членот 49 од уставот, во пакет со “името, знамето и (најново) валутата” за “неправдата кон Македонија”, која прилично саркастично звучи во моменталниот динамичен и непредвидлив гео-стратешки контекст, на тема “неправда”; дали има опасност за враќање на државата на позициите на 1991 година? Одвоена од СФРЈ, ама “врзана со СФРЈ”?
На денешен ден, во 2020 година, се распушта парламентарниот состав, кој донесе клучни и егзистенцијални одлуки за сегашноста и иднината на државата и сите нејзини граѓани. За разлика од комплетната партиско/политичка елита, резиме на постигнатото прави тогашната американска амбасадорка, од нашиот стратешки партнер, од администрацијата на првиот мандат на Доналд Трамп, оддавајќи признание за сите клучни донесени одлуки: ратификацијата и имплементацијата на Преспанскиот договор, ратификацијата на Договорот со Бугарија, ратификацијата на членството во НАТО, ратификацијата на Договорот за јазиците итн.
Секогаш се поучни фактите, и од блиското и од далечното минато. Па, иако некому се чини дека ова се времиња на (хегемонистички) митови, и шанса за “искористување на ситуацијата”; ова се всушност видени историски процеси. Со релативно познати исходи. Добри или лоши, зависи од познавањето на историјата и разбирањето на контекстот. Да се држиме ние до фактите и постигнатото, до партнерите и соседите, до обврските и уставот. Ако сакаме да се додржиме.
