Моника Зајкова и официјално е нов претседател на партијата ЛДП. Таа доаѓа на местото на Милевски кој одлучи да се повлече. Во интервју за Локално.мк Зајкова вели дека во оваа партија нема место за луѓе кои сакаат да се богатат врз грбот на граѓаните.

– Целта ни е да бидеме повеќе меѓу граѓаните и преку отворен и транспарентен пат да ги запознаеме со нашите либерални политики. Исто така ќе следува и Програмски конгрес каде што ќе ја објавиме нашата програма, оние либерални иницијативи кои граѓаните ќе можат да ги препознаат, вели во интервју за „Локално“, новата лидерка на ЛДП и актуелна пратеничка Моника Зајкова во однос на идните приоритети на партијата.

На прашањето дали ЛДП ќе учествува самостојно на евентуални предвремени избори, Зајкова вели дека партиските тела и органи се оние кои што ќе донесат одлука дали нејзината партија ќе настапи самостојно или ќе коалицира во одредена коалиција.

-Во ЛДП нема место само за луѓе кои што сакаат да се богатат на грбот на државата. За сите останати кои што сакаат заедно да го трасираме европскиот пат и да направиме европска и прогресивна Македонија – портите на ЛДП се отворени, порачува Зајкова за тоа кон кое гласачко тело ќе целат во иднина како ново раководство на партија.