Никој не е победник, освен студентите, а ваквата состојба кога битката се води помеѓу политичарите, а не студентите, кога политичките поени се поважни од системско решение за оброк на студентите, кога надмудрувањата се поважни од потребите на студентите и популизмот посилен од реалноста е јасна слика во какво општество живееме, вели на официјалната фејсбук страна пратеничката и потпретседателката на Либерално-демократската партија Моника Зајкова.

-Студентите не се и не може да бидат алатка за нижење политички поени па уште тоа да се прославува како победа, каде некој друг загубил. Политичкото лицемерие и недоверба кое се покажува преку ваков настап и третман е изразено преку статистиките на иселеност, намален млад работен интелектуален кадар, драстичен пад на излезеност на секој следен изборен циклус, недоверба во институциите и политичарите. Нивната победа не е поради нас, туку поради нивните заложби да го добијат тоа што им следува – во случајот студентскиот оброк. Законот за студентски оброк, како што беше првично замислен, уште на почетокот предендираше да биде системско, а не ад-хок решение кое наместо бенефити за студентите ќе ги става во политичка фрагментација., вели Зајкова.

Таа додава дека законот за субвенциониран студентски оброк е иницијална идеја на Либерално-демократската партија во соработка со студентите, по примерот на Република Словенија, предложен уште во 2018 година, а изгласан од страна на сите парламентарни партии во 2020 година.

Според неа јавноста и пред се студентите го знаат тоа многу подобро од било кои носители на политички функции вклучително и младинските ограноци кои овие денови се ‘тивко’ најгласни.

-Пропустот и слабоста да не се најде системско решение за имплементација на законот кој ќе овозможи финансиска поддршка на секој студент за здрав оброк е де факто колективен неуспех. Тоа се фактите, па да се надеваме дека „политичките богови” ќе замолчат на темава, а ќе се слуша само чистиот студентски глас, вели Зајкова.