Трговската размена меѓу Европската унија и Велика Британија падна за речиси една четвртина во првите три месеци по Брегзит, покажуваат податоци на британскиот Завод за национална статистика.
Најголем пад е забележан во трговијата со Ирска и Германија, пренесува бриселскиот портал Еурактив.
Извозот во Ирска се намалил за 47,3 проценти во периодот од декември до јануари, со најголем пад на извозот на хемикалии, животни и секторот за храна. Според договорот за Брегзит, воведени се царински проверки за сите стоки што влегуваат во Ирска од Велика Британија.
Увозот од Германија, најголемиот трговски партнер на Велика Британија меѓу членките на ЕУ, паднал за 30,5 проценти или 1,7 милијарди фунти, во истиот период.
Според договорот меѓу Брисел и Лондон за трговија и соработка, кој стапи во сила на 1 јануари, размената на стоки меѓу двете страни се одвива без царини и квоти по излегувањето на Велика Британија од ЕУ.
ЕУ, сепак, на 1 јануари воведе гранични проверки на извозот од Велика Британија, додека Лондон одлучи постепено да воведува реципрочни мерки до октомври.
Британскиот завод за статистика во соопштението информира дека податоците се споредуваат со истиот квартал од 2018 година, бидејќи тоа е последниот период со релативно стабилна трговија.
Исто така, се наведува дека е тешко целосно да се издвојат ефектите што ги има пандемијата на коронавирусот и излезот од ЕУ врз британската и меѓународната трговија.
Британските министри намалувањето на трговијата го припишуваат на влијанието на пандемијата и резервите на британски компании во ЕУ пред крајот на преодниот рок.
Во првиот квартал од 2021 година, вкупната трговија со земјите од ЕУ се намалила за 23,1 процент, а со земјите надвор од Унијата за 0,8 проценти во споредба со првиот квартал од 2018 година.
Најголем пад на трговијата е забележан во јануари, кога извозот од Велика Британија во ЕУ се намалил за 40,7 проценти во споредба со декември. Оттогаш, се чини дека трговијата почнала да закрепнува.
Во март, трговијата со ЕУ се зголеми за 1,8 милијарди фунти во споредба со февруари.
Сепак, компаниите од повеќе сектори имаа тешкотии и доцнења поради новите проверки и бирократските процедури.