Во изминатиот месец 80 граѓани преку алатката „Отворен кабинет“ се сретнаа со министерот за здравство, Азир Алиу.

Барањата, предлозите и сугестиите на граѓаните се предмет на системско постапување во рамките на Министерството за здравство, односно тие се анализираат и проследуваат за натамошно постапување, велат од Министерството.

„До овој момент одговорено и постапено е по 29 отсто од барањата, за некои потребни се системски унапредувања, кои веќе се иницирани, а за преостанатиот дел формирани се комисии за поефикасно постапување“, се наведува во соопштението.

За потсетување, министерот Алиу во текот на утрешниот ден е на терен во Штип во рамките на иницијативата „Мобилен кабинет“, каде што од 12 до 14 часот ќе има средба со граѓани во просториите на Клиничката болница – Штип и сите заинтересирани граѓани ќе имаат можност директно да ги споделат своите искуства, проблеми или предлози поврзани со здравствениот систем.

За учество на овие средби потребна е претходна пријава преку платформата „Отворен кабинет“, која е достапна преку интернет-страницата на Министерство за здравство: https://zdravstvo.gov.mk/