Откако уште еднаш јавнои ѝ се нафрли на Македонија, бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски како спротивен пример ја даде Албанија, која за него е „братска, пријателска држава“, а во Европската унија би го поздравил и Косово!
„Не се точни тврдењата дека позицијата на Бугарија за Западен Балкан е нејасна и не е добро дефинирана. Кој го тврди тоа или не е добро информиран или не е добронамерен. Ставот на Бугарија за проширувањето на Европската унија беше и ќе остане следниот – проширувањето на Европската унија преку Западен Балкан мора да се случи и секоја од земјите е добредојдена. Сакаме да ѝ посакаме добредојде на Република Албанија, нашата братска, пријателска држава. Би ја поздравиле и Република Косово. Тоа се две проевропски и прозападни земји и нема сомнеж дека им е местото во ЕУ. Истото важи и за Црна Гора“, рече Џамбаски на конференцијата „Западен Балкан“, оргаанизирана од фондацијата за европска реформа „Њу дајрекшн“, чиј потпретседател е тој.
За Србија и Македонија, пак, мислењето на вториот човек на ВМРО-БНД е поинакво.
„Има длабоко влијание и во двете земји, кои во никој случај не се пријателски настроени кон Европската унија. Во никој случај не се насочени кон градење доверба, соработка и пријателство. Напротив – и во двете земји има многу жестока, видлива и зацртана антибугарска линија на однесување. Не е од вчера, туку од многу одамна, но овојпат е комбинирана со антиевропска реторика против идејата за Европската унија. Целата оваа пропаганда доаѓа од еден евроазиски центар и е напишана под индиго. Дури и преку фабрики за лажни вести на социјалните мрежи“, објасни Џамбаски на настанот соорганизиран од полскиот Варшавски институт и од унгарскиот Институт за надворешни работи и трговија.