Паричната помош од 6.000 денари ја подигнале 90 проценти од корисниците, информираат од банките.Исплатата се вршеше до петокот, 25 декември, а за да продолжи и понатаму со цел да ја добијат и останатите 10 проценти од корисниците, банките бараат нов законски рок.

– Македонската банкарска асоцијација ја известува јавноста дека нашите членки – банките, како и досега, подготвени се со сите свои ресурси да излезат во пресрет на проектите од јавен интерес, а посебно на оние кои се наменети за социјално ранливите категории граѓани.Притоа, секогаш активностите мора да бидат во рамки на законските прописи. Во таа смисла, после истекот на законски дадените рокови, за да се реализира исплатата на сите граѓани на кои во претходниот законски рок не им беше исплатена финансиската поддршка, потребно е да се направат измени на Законот за финансиска поддршка со цел постоечките рокови, да се заменат со нови подолги рокови. Како и досега, банките при исплатата максимално ќе се заложат за заштита на здравјето на сите корисници на банкарски услуги, особено на повозрасните граѓани, информираат од МБА.

Оттаму уште посочуваат дека за успешно реализирање на еднократна финансиска помош од 6.000 денари како дел од четвртиот пакет антикризни мерки банките максимално ги ставиле на располагање своите ресурси и во согласност со Законот за финансиска поддршка во краткиот законски рок, до крајот на работното време на 25.12.2020 година, вршеле распределување на добиените средства на трансакциските сметки на граѓаните.

Барањето за нов законски рок за да продолжи исплатата значи дека треба да се менува Законот во Собранието кое едвај успева да работи на законите кои веќе се ставени на дневен ред.Со тоа, тешко може да се очекува дека оваа помош ќе стигне до сите корисници до крајот на годинава.

Како што претходно соопштија банките, парите за корисниците на кои нема да им се изврши уплата на трансакциските сметки поради неажурирани податоци, ќе се вратат назад во буџетот.Граѓаните беа претходно информирани од банките за ова, но најголемиот дел од нив решија таа обврска да ја завршат кога почна исплатата на парите.Тоа создаде огромен метеж пред банките, поради кој некои воопшто не успеаја да стигнат до шалтерите.Според владиниот портпарол Душко Арсовски многу е мал бројот на лица кои не ги ажурирале податоците, а повеќето од нив не го направиле тоа затоа што живеат во странство.Се проценува дека поголем дел од лицата кои останаа без помошта се со блокирани сметки.За да ги добијат парите тие мораа да отворат нови, наменски сметки, но такви сметки отвораат само одредени банки.Комората на извршители уште на почетокот на минатата недела, кога почна исплатата на овие средства на извршителите им препорача времено да ги одблокираат сметките што ги блокирале, а по подигањето на помошта повторно да ги блокираат.Но, тоа не го реши проблемот, бидејќи освен извршителите сметките на граѓаните ги блокираат и други правни субјекти.

Очигледно, за да ја добијат помошта од четвртиот пакет мерки граѓаните ќе треба уште да чекаат. Од Владата во неколку наврати најавија дека ниту еден корисник нема да остане без овие пари. Заедно со нив чекаат и околу 78 граѓани кои не се нашле на списокот, па поднеле приговори.Владиниот портпарол Душко Арсовски на прес-конференција во неделата рече дека приговорите се обработени и најави дека уште во текот на вчерашниот ден ќе се објави колку од нив се прифатени.Но, на веб-страницата kupuvamdomasno.gov.mk списокот го нема.

-Почитувани, во моментов од страна на надлежните институции се разгледуваат поднесените приговори.Доколку приговорот кој го поднел граѓанинот е прифатен листата ќе биде ажурирана и соодветно овие граѓани ќе може да се пронајдат на листата на корисници на финансиска поддршка.Разгледувањето на приговорите сè уште трае, а владините служби работат со максимална посветеност овој процес да заврши во најкраток можен рок, пишуваше на веб-страницата kupuvamdomasno.gov.mk.

Информација за тоа дали им е прифатен приговорот или не, како што е најавено, граѓаните ќе добијат и на електронската пошта што ја оставиле со приговорот.
Оваа помош според планот на Владата требаше да опфати околу 280 илјади граѓани за кои се наменети 27,5 милиони евра.

(С.В.)