Иако нема официјален став на партијата ДУИ каде заглави Предлог Законот за игри на среќа доставен од пратениците уште пред две години, Министерството за финансии го превзеде првиот чекор и предложи речиси исти измени кои беа во предлогот доставен од пратениците, но во веќе постоечкиот закон. Па така, на Електронски национален регистар на прописи (ЕНЕР), осамна предлог со кој се бара дислоцирање на обложувалниците 500 метри од основните, средните и високо образовни институции, со единствена цел заштита на младите.

„Со цел заштита на младата популација од лоши и несоодветни навики за нивната возраст, се предлага деловните простории, односно уплатно -исплатните места во кои се приредуваат игрите на среќа да бидат оддалечени 500 метри од основни и средни училишта и високообразовни институции до кои се доаѓа по најкраткиот безбеден пат“, се наведува во Електронскиот национален регистар на прописи.

– Advertisement –

Но, за асоцијацијата на спортски обложувалници, ваквите измени се неприфатливи, бидејќи постои ризик цел овој сектор да биде затворен.

„Растојанието од 500 метри на нашите објекти од училиштата и високо образовните интитуции значи затворање според нашите анализи на повеќе од 98 отсто од објектите односно заторање на целата индустрија. Со ова директно се загрозува егзистенцијата на повеќе од осум илјади директно вработени во оваа индустија кои ќе останат преку ноќ без работа, а негде околу 50 илјади вработени од други стопански гранки ќе бидат загрозени кои се поврзани со нашето работење“, рече Васко Илијевски – Претседател на АСОМ.

Од Асоцијацијата бараат закон кои ќе биде во рамките на европските норми, бидејќи предложените измени не постојат во ниту една европска земја. Според нив, во земјите од ЕУ нема одалеченост на објектите од образовните институции бидејќи анализите покажувале дека тоа нема никаков ефект врз навиките. Предлог измените на ЕНЕР ќе бидат до средината на следниот месец, каде што ќе можат да се испраќаат предлог забелешки или сугестии.

Андреа Чобанова