Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во македонското Собрание, Моника Зајкова, во објава на социјалните мрежи на македонските граѓани во новата година им посака храброст, достоинство и правда, за да имаме држава со вредности, а не само со процедури.
„Драги пријатели, сограѓани, зад нас оставаме година во која корупцијата не беше само вест, туку сурова реалност која во Кочани чинеше животи. Гледавме како реформите стануваат козметика, а законите се менуваат побрзо од календарот. Додека институциите брзаа со ‘итни’ и ‘скратени’ постапки, вистинското подобрување на животот на граѓаните остана во чекалната. Администрацијата е изгубена во хаос поради брзи неусогласени закони, судството во лажни ветувања, а довербата – е во колективна амнезија“, пишува Зајкова во својата објава.
„Во 2026 година, посакувам: храброст – да не се навикнуваме на ненормалното; достоинство – да не бидеме само бројка во нечиј експеримент и правда – која не се купува и не се договара во 5 до 12. Нека новата година не биде уште една ‘скратена постапка’. Заслужуваме држава со вредности, а не само со процедури“, додава Зајкова.
„Среќна и борбена Нова 2026 година! Да ве служи сите добро здравје, среќа и да… со Македонија да се гордееме на Светското првенство во фудбал“, завршува Зајкова во својата честитка до граѓаните.
Текстот Зајкова: Во новата година посакувам храброст, достоинство и правда за држава со вредности, а не само со процедури е превземен од МАКФАКС.




















