Косовската претседателка Вјоса Османи ја повтори денеска поканата до нејзиниот турски колега, Реџеп Таип Ердоган, да го посети Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во соопштението од кабинетот на Османи се вели дека поканата до претседателот на Турција ја изнела на денешната средба со турскиот заменик министер за надворешни работи, Мехмет Кемал Бозај, кој денеска допатува во официјална посета на Косово.

На средбата со гостинот од Турција, соопшти претседателскиот кабинет, станало збор за „одличните односи“ меѓу двете земји и за можностите за нивно натамошно продлабочување.

– Претседателката Османи нагласи дека односите меѓу Косово и Турција се стратешки и дека Албанците кои живеат во Турција и турската заедница во Косово претставуваат цврст поврзувачки мост меѓу двете земји, се вели во соопштението.

Османи изразила благодарност до Турција за поддршката на Косово во процесот на осамостојувањето и изградбата на државата и побарала натамошна поддршка за интеграција на нејзината држава во меѓународните институции. иа/ссм/

– Со заменикот министер Кемал Бозај, претседателката Османи разговараше за билатералната соработка, за организирање еден бизнис-форум на двете држави, како и за соработката во надворешната политика, одбраната, безбедноста, здравството и други области од заеднички интерес, се вели во соопштението.