Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска пристигна во дводневна посета на Скопје, каде ќе се сретне со премиерите на Северна Македонија, Зоран Заев и Албанија, Еди Рама, во рамки на регионалната иницијатива за соработка позната како „Мини Шенген“.
Вучиќ за српските медиуми изјави дека посетата на Скопје е многу важна, посочувајќи ги притоа договорите што ќе бидат потпишани утре меѓу Србија, Северна Македонија и Албанија.
-Едниот се однесува на побрз проток на стоки и услуги меѓу трите земји, другиот за заедничко дејствување по прашањето на природните катастрофи, а третиот за создавање единствен пазар на труд, што подразбира укинување на работните дозволи, изјави Вучиќ, додавајќи дека тоа значи дека кој работи во Белград, може да работи и во Скопје и Тирана и обратно.
Тоа, потенцираше, е ужасно важно. Сакам да верувам дека потоа ќе продолжиме со сите придобивки, за што подетално ќе разговараме утре, кажа Вучиќ, јави дописникот на МИА од Белград.
Тој најави дека утре ќе биде објавено новото име на регионалната иницијатива, која досега беше позната како „мини-Шенген“.
Како што рече, суштината е многу поважна од името на иницијативата, а тоа се трите договори што ќе бидат потпишани.
Вучиќ кажа дека веќе се водат разговори за изработка на електронски персонализирани картички за граѓани од трите земји, кои ќе работат преку мобилна апликација, што ќе овозможат различни придобивки. Тој додаде дека тоа ќе се направи во договор со компаниите, така што кога луѓето доаѓаат во Србија, Албанија и Северна Македонија, да имаат попусти за билети за превоз, во хотели, ресторани, од пет или 10 отсто.
-Сакаме да направиме брзи ленти. Кога ќе ги прошириме премините Прешево и Табановце, како и другите премини, ќе има брзи ленти за камиони, но и за автомобили, кои ќе можат да минуваат побрзо од некои други возила. Со ова креираме поинаква иднина, кажа Вучиќ.
Тој кажа и дека политички ќе придонесе за понатамошно консолидирање на мирот и поблиска соработка меѓу народите и ќе придонесе за стабилност за целиот регион.
-Идејата е заеднички да се направат планови за зелената агенда, како и да се привлечат заедно што е можно повеќе инвеститори, нагласи Вучиќ.
Тој оцени дека оваа посета е многу важна за Србија, имајќи предвид дека 4.144 компании во Србија работат со Северна Македонија, а 1.004 компании работат со Албанија.
Од утре започнуваме да работиме заедно на единствениот пазар на труд, како и на на взаемно прифаќање на академските квалификации – на градњжниците, лекарите, стоматолозите и други професии, кои ќе бидат прифатени во сите три земји.
-Тоа ќе нè приближи, ќе ја зајакне нашата економија, ќе обезбедиме побрз раст и ќе го зголемиме животниот стандард на граѓаните. Ова е голем чекор кон иднината, изјави Вучиќ.
Тој најави дека ќе се создаде заеднички портал на три јазици, на кој ќе бидат претставени културно -историските вредности, како и информации за секоја земја.