Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска по изборите одржани во април ја предложи актуелната премиерка Ана Брнабиќ за кандидат за состав на новата српска влада.

„Во согласност со Уставот, откако ги послушав мислењата на претставниците на изборните листи,донесов одлука за предлог на кандидат за премиер“, рече Вучиќ во своето обраќање.

„На Народното собрание на Србија му ја предлагам Ана Брнабиќ за кандидат за премиер“, рече тој. „Ана нема да биде премиер четири години, нејзиниот мандат ќе биде пократок и во 2024 година ќе има промени во владата.“

Вучиќ ја предложи Брнабиќ откако го слушна мислењето на претставниците на избраните изборни листи. Тој посочи дека е важно таа да остане на чело на владата за да може Србија да продолжи да работи на решавање на проблемите за есен и зима.

„Многу е важно да имаме некој што е искусен во тој период“, додаде тој. Листата „Заедно можеме сè“ на Српската напредна странка освои 42,92 отсто на парламентарните избори на 3 април, со што ѝ се обезбедени 119 од 250 мандати во парламентот.

Вучиќ претходно изјави дека нема да чека долго за новата влада – две-три недели по изборот на мандатарот.