Разговаравме за многу важни прашања како и за ЕУ интеграциите бидејќи Словенија го презема претседателството со Унијата, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ по средбата со словенечкиот колега Борут Пахор.
„За нас е најважно прашањето на Косово, ние сакаме да водиме дијалог и за тоа секогаш сме биле. Гледате како завршуваат замрзнатите конфликти, кои се активираат секои пет години со жртви“, кажа Вучиќ.
„Ние сме за компромисно решение, не знаеме дали ќе успееме во тоа, но за договор се потребни двајца“, кажа тој.
Пахор кажа дека главната причина за неговата посета на Белград е подготовката за самитот Брдо-Бриони. Кажа дека и за Словенија е важно процесот на проширување на ЕУ да не сопре и дека неговата земја се залага тој процес да заврши што побрзо.
„Проширувањето на ЕУ на Западниот Балкан е геополитичка нужност, мора да оди побрзо и, она што ќе биде истакнато на самитот, е дека ЕУ мора да го зафати целиот простор на Западниот Балкан“, кажа Пахор.
На прашањето на новинарите дали ЕУ ќе поддржи таков план на Словенија, Пахор кажа дека е очигледно дека постојат два вида загрижувачки замор – заморот на ЕУ околу проширувањето, но и замор на Западниот Балкан од чекањето.
„Тоа не е во интерес ни на едните ни на другите“, кажа Пахор и додаде дека Словенија сака да предупреди дека ЕУ само со примањето на Западниот Балкан може да го реши тоа прашање.
„Ако на крајот на краиштата ја погледнете картата – Западниот Балкан е опкружен со ЕУ, а ни бројот на вкупните жители не би требало да биде проблем за Брисел, како што е на пример со Турција“, заклучи Пахор.
На прашањето дали Србија се уморила од чекањето за ЕУ, тој кажа дека Србија е на ЕУ патот како и Албанија, Македонија, БиХ, а не се противи ни на визна либерализација на Косово.
„Мислам дека е важно да сме едни покрај други и немаме ништо против заеднички пристап“, кажа тој. „Односите не се идеални, но важно е да постојат“.