На денешната средба во Белград на претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ и министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија Бујар Османи, разговарано е за зајакнување на добрососедските односи меѓу двете земји, преку решавање на сите прашања преку дијалог, подобрување на економската соработка и взаемна поддршка на европскиот пат, јави допсиникот на МИА од Белград.

-Претседателот Вучиќ ги наведе сите конкретни проекти кои би придонеле за подобро поврзување и економска соработка меѓу двете земји, како што се модернизација на пругата кон Скопје и зајакнување на инфраструктурата на граничните премини, соопштија од Кабинетот на српскиот претседател.

Вучиќ кажа дека добрите односи меѓу Србија и Северна Македонија се од најголема важност за целиот регион и го посочи „мини Шенген“ како пример за успешна соработка, за доброто на граѓаните и од економска корист на земјите, активно вклучени во таа иницијатива. Тој ја издвои важноста на Меморандумот потпишан од Србија, Северна Македонија и Албанија, кој овозможува заемна помош и соработка на здравствените системи за лекување на пациенти со КОВИД-19.

Министерот Османи се заблагодари за донацијата на вакцини што претседателот Вучиќ во неделата му ја предаде на премиерот Заев и со што се овозможи вакцинирање на македонските граѓани, што разбудило нова надеж.

Вучиќ, исто така изјави дека Србија ги поддржува евроинтеграциите на Северна Македонија.

Двајцата разговарале и за подобрување на положбата на Србите во Северна Македонија, односно на Македонците во Србија.