Ако има некој што е постојано нападнат на ужасен начин во сопствената земја, тоа сум јас. Секој ден ме прикажуваат како некаков Хитлер, вели српскиот претседател, Александар Вучиќ, во интервју за германскиот „Cicero“.

На прашањето: „Фридом Хаус повеќе не ја смета Србија за слободна демократија, туку за хибриден режим. Ве обвинуваат дека ја укинувате поделбата на власта поради вашето прекумерно влијание врз партијата, парламентот и медиумите. Како го коментирате тоа?“, тој одговори:

„Имам сосема поинакво мислење и ја повикувам Фридом Хаус да дојде тука, да разгледа сè и да дојде до искрен резултат на лице место. Знаете, јас веќе го знам тоа. Ако има некој што е постојано нападнат на ужасен начин во сопствената земја, тоа сум јас. Секој ден ме прикажуваат како некаков Хитлер.

А потоа секогаш тврдат дека имаме авторитарен или автократски режим во Србија. Но, да бидеме искрени: Во кој авторитарен режим е можно зградите на владејачката партија да бидат физички нападнати 800 пати откако ја презеде функцијата? 29 пати нашите партиски згради се целосно уништени или изгорени.“

На барање да даде коментар за тоа што српската полиција дејствува против демонстрантите, но и против луѓето кои протестираат против него и за критичките во Европскиот парламент за употреба на брутални методи и наводната употреба на звучни топови, Вучиќ вели:

„Тоа никогаш не се случило. Едноставно не се случило. Ќе ви кажам едно: Ако се покаже дека е употребено акустично оружје, тогаш повеќе не сум претседател. Не ја лажам јавноста. Тие критичари во Европскиот парламент во основа само ја пренесуваа пораката на медиумите што се против нас. Постојат многу различни интереси, бизнис интереси. Верувам дека сите ја знаат вистината, но дека постојат и овие различни интереси.“

Тој во интервјуто вели дека не сака да открие кои странски влади плаќаат за протестите против него, за да не ги расипе односите со тие земји.

„Нема да кажам кои влади ги платиле демонстрантите. Имам докази, но не сакам да ги презентирам бидејќи не сакам да ги загрозам односите со тие земји. Знаеме дека имаше масовна финансиска поддршка за овие луѓе од странство. Интересно е што протестите се променија, последните големи демонстрации дојдоа од ултрадесничарски студентски групи, а не од проевропски групи. И оттогаш, финансиерите исто така се повлекоа.

Сето ова не значи дека немаме поделено општество во Србија. Да, го имаме. Но, тие протести не се израз на тоа, тие се израз на астротурфинг, односно политички мотивирана и финансирана ПР кампања која се обидува да создаде впечаток за спонтано движење на граѓаните. Во иднина ќе откриеме кој стои зад тоа. Во моментов имаме други грижи, пред сè енергетски проблеми, кои за нас се прашање на опстанок.“

Фото: ЕПА

Текстот Вучиќ: Секој ден ме прикажуваат како некаков Хитлер е превземен од МАКФАКС.