Ракометната легенда Веселин Вујовиќ, кој долги години работеше во Македонија како селектор на сениорската репрезентација и како тренер на Вардар, го анализираше настапот на ракометарите на Светското првенство во Египет и смета дека мора да се смени стратегијата на ракометната федерација на Македонија. Вујовиќ во разговор за „Балкан-Хендбол“ вели дека е потребно да се направи еден чекор назад за да се земе залет за иднина.
– Јас имав улога во македонскот ракомет и како селектор и како тренер. Тренерот на екипа ќе донесе странец и ќе му даде шанса да игра бидејќи резултатот му е во прв план. На него не му е важно дали играчот е странец или домашен бидејќи во клубовите резултатот е најважен. На селекторот му е поважно да има домашен ракометар кој ќе игра бидејќи ќе можат да се развиваат и напредуваат во клубовите. Играчите кои требаше да се развиваат во клубовите и сега да бидат носители на репрезентацијата се Талески и Кузмановски. Тие заминаа во најсилната лига во Европа, Бундеслигата и тоа во врвни екипи но не напредуваа, дури мислам дека дури Талески и назадуваше. Кога збориував со Михајло Михаловски за составувањето на екипата за оваа сезона, му реков дека треба да направат таква стеатегија, да ги вратат македонските играчи и Вардар да стане македонски бренд со домашни ракометари и да не брзаат со резултатите. Му реков дека е подобро да направат еден чекор назад за што подобро да се залетаат за некој нов скок. Реков дека еден од тие кои треба да се врати е Талески, но тој како да го снема од земјата, не игра ниту одбрана, не шутира, прави технички грешки. Јас го разбирам селекторот кој го вади од игра и потоа повторно го враќа, едноставно не знае што да прави со него.
Сите останати се на некое ниво да мораат да бидат свесни дека треба да дадат 100 проценти од себе, да се борат до последната капка крв за го надополнат недостатокот на квалитет. Тие не можат да одиграат на квалитет против сериозни реперезентации, но со неверојатна борбеност и желба – е тоа можат. Токму тоа им недостасуваше во Египет – анализира Вујовиќ.
Миленикот на „Комитите“ смета дека Македонија има потенцијал во Кузмановски, Костевски, голманот Томовски, но проблем е пикерската позиција.
– Кузмановски беше некоја светла точка, во тоа сивило се истакна тој и нормално е дека сите очи се вперени во него. Има физички предиспозии да биде лидер, потоа младото крило Костевски кој беше во Загреб кога јас бев тренер, тука е голманот Томовски, но неопходно е да најдат играчи како што беа Велко Марковски, Ацо Јоновски кои беа бедеми во одбраната, имаа срце како автобус. И мора да најдат пикер од два метри кој ќе игра во двете насоки бидејќи и Стоилов и Пешевски кои се одлични пикери посебно во нападот, но поради техниката и габаритот не можат да играат во двете насоки. Нешто мора да се направи, но тоа е прашање за Мукаетов, за селекторот, за клубовите – вели Вујовиќ.