Банките во Македонија се добро капитализирани и имаат еден конзервативен модел што е добро бидејќи ги прави да се помалку изложени на кризи. Помала е нивната изложеност за некакви можности на зараза во финансискиот сектор, оценува гувернерот на Централната банка на Хрватска, Борис Вујчиќ во екслузивното видео интервју за МИА.
Што се однесува до македонската економија, Вујчиќ смета дека е добро што таа е отворена и според него треба да се инсистира на тоа. На краток рок, како што посочува, може да ги чувствувате влијанијата однадвор, но затоа на среден и долг рок придобивките се големи.
– Добро е што таа е многу отворена во однос на земјите во регионот што овозможува во крајна линија на среден и долг рок поголем раст на продуктивноста. Меѓутоа на краток рок може да има поголема чувствителност во однос на тоа што се случува надвор, што видовме и дека се случи. Сепак и понатаму треба да се инсистира на отвореност на економијата и на што поголемо привлекување на инвестииците бидејќи без разлика што на краток рок тоа може да предизвика економијата да биде почувствителна, на среден и долг рок сигурно е добро за растот, вели Вујчиќ.
Прашан кога може да очекуваме олабавување на монетарната политика, Вујчиќ вели дека тоа ќе зависи од развојот на инфлацијата.
– Ние се уште сме во режим на зголемување на каматните стапки како ЕЦБ и со оглед на нашите видувања за инфлацијата оваа и следната година доколку не дојде до проблеми во финансискиот сектор кои би довеле до тоа да дојде до заострување на условите за финансирање без промена на монетарната политика поради евентуални проблеми, до кои се надевам и очекувам дека нема да дојде, ние ќе мораме и понатаму да ги зголемуваме каматните стапки за да ја спуштиме инфлацијата. Ние сигурно оваа година нема да зборуваме за можноста за намалување на каматните стапки, а понатаму зависи колку брзо инфлацијата ќе се спушта кон нашата цел од два проценти. Колку побрзо тоа се случи, толку побрзо може да се очекува олабавување на монетарната политика, нагласува Вујчиќ.
Интервјуто со видео материјал го пренесуваме во целост:
Г. Вујчиќ, во Скопје сте со повод. Претседавач сте на Виенската иницијатива, настан кој се одржуваше во Скопје, а домаќин е Народната банка на Северна Македонија. Како гувернер на хрватската Народна банка и како добар познавач на работите, би сакала да го започнеме интервјуто со актуелните случувања во банкарскиот сектор. По падот на банката во Силиконската долина и случувањата со Свис кредит. Има ли опасност кризата да се прелее во другите банки во Европа и во регионот?
– Јас би рекол дека тие два случаи се сосема поинакви од генералната состојба на банкарскиот сектор во Европа. Што се однесува до американската банка таму од една страна имаше регулаторен пропуст со тоа што една таква банка не беше третирана како системска банка, не беше подложна на стрес тестовите што ние ги спроведуваме во банките и зголемен надзор како што имаат системските банки. Дури откако пропадна де факто доби статус на системска банка кога се гарантирани сите депозити во таа банка. Тоа беше банка која имаше атипична структура, имаше над половина од вкупната актива во американски хартии од вредност што не е карактеристично за банкарското работење. Од друга страна имаше брз раст на депозитите на што очигледно не реагирале навреме и тоа доведе до пропаст на таа банка.
Што се однесува до Кредит Свис, таа имаше проблеми со реструктуирање и деловниот модел веќе долго време и тоа не е нешто што нас не изненади, бидејки се знаеше дека банката има проблеми од кои очигледно не успеала да излезе. Таа првенствено имаше проблеми со своето инвестициско банкарство што не е типично за банкарството во Европа, а посебно не во регионот, така што би рекол дека тоа се случаи кои ќе немаат некакви типични ранливости на банкарскиот систем во Европа, а посебно во регионот, како во Македонија која има традиционален, конзервативен модел на банкарство и во таа смисла нема да значат ништо во смисла на наговестување на какви било проблеми во банкарскиот систем.
По две децении ниска инфлација, светот се соочи со висока инфлација. Од аспект на регионот кога може да очекуваме дека ќе ја надминеме кризата и што би можеле креаторите на политики да направат за да не ни се повтори ова?
– Ние сега сме во ситуација кога после долг период на ниска инфлација, повторно се врати инфлацијата на силен начин, каде имаме двоцифрени бројки на инфлацијата во 2022 година и секако во таква ситуација монетарната политика мора да се промени, односно од експанзивна мора да стане рестриктивна, што значи дека каматните стапки мора да растат и тоа значи дека емитирањето на ликвидноста мора да биде помало отколку што било порано, односно дека мора да дојде до повлекување на ликвидноста. Тоа секако доведува до раст на трошоците на задолжување како што монетарната политика се рефлектира на пазарот, како што гледаме дека се случува и на крајот преку забавувањето на потрошувачката доаѓа до пад на инфлацијата. Тоа е една компонента на инфлацијата. Другата компонента е последица на глобалните шокови на страната на понудата првенствено на растот на цените на енергија, а потоа и на храната, каде монетарната политика има многу помалку влијание, односно има донекаде глобална, но националните не можат да се борат со тоа. Ние имавме комбинација на инфлација која растеше и поради шокот на страната на понудата (раст на цените на енергијата и храната и проблеми во ланците на снабдување) но тоа полека прерасна во се повеќе фактори на страната на побарувачката кои делуваа инфлацијата да продолжи да расте. Од една страна платите кои исто така растат кога инфлацијата расте, тогаш работниците и синдикатите бараат да се одржат платите во склад со инфлацијата, па потоа доаѓаме до она, ако се сеќаваме од времето на Југославија, ланец кога растат платите, расте и инфлацијата. Тогаш треба малку подолго време да падне инфлацијата.
Од друга страна она што го забележавме, не знам за Македонија, но забележавме дека во Европа и во Хрватска дека профитните маргини на компаниите останале исти или дури и се зголемиле. Што значи од една страна ги имаме профитите, од друга страна платите. И едното и другото мора да се модерира за да на некој среден рок инфлацијата да се спушти на едно посакувано ниво од два проценти.
Кога може да очекуваме олабавување на монетарната политика и намалување на каматите. Гледаме дека ЕЦБ и понатаму ги зголемува каматите. Кај нас, Народната банка повторно ги зголеми каматите. Дали на покус или на среден рок може да очекуваме олабавување на монетарната политика?
– Тоа првенствено ќе зависи од развојот на инфлацијата. Ние сеуште сме во режим на зголемување на каматните стапки како ЕЦБ и со оглед на нашите видувања за инфлацијата оваа и следната година доколку не дојде до проблеми во финансискиот сектор, кои би довеле до тоа да дојде до заострување на условите за финансирање без промена на монетарната политика поради евентуални проблеми, до кои се надевам и очекувам дека нема да дојде, ние ќе мораме и понатаму да ги зголемуваме каматните стапки за да ја спуштиме инфлацијата. Ние сигурно оваа година нема да зборуваме за можноста за намалување на каматните стапки, а понатаму зависи колку брзо инфлацијата ќе се спушта кон нашата цел од два проценти. Колку побрзо тоа се случи, толку побрзо може да се очекува олабавување на монетарната политика.
Како гувернер на хрватската Народна банка може ли да ни кажете како Хрватска се справува со инфлацијата?
– Ние исто имавме, како и сите, раст на инфлацијата од слични причини – прво поради шокот на страната на понудата, прекинот на ланците на снабдување и храната на почетокот на војната во Украина, но сега сметаме дека доминираат шоковите на страната на побарувачката, односно дека тоа е инфлација причинета од страна на побарувачката. Таа паѓа, ние го поминавме врвот на инфлацијата. Мислам дека таа нема да се врати на нивоа што ги видовме порано и дека ќе продолжи да се намалува, но не очекуваме дека брзо ќе паѓа. Просечната стапка на инфлација во 2023 година очекуваме да е на ниво од 7 проценти. Иако очекуваме дека од почетокот на годината до крајот ќе паѓа, па на крајот на годината ќе биде значително пониска од 7 проценти, сепак просечно очекуваме дека сеуште ќе биде 7 проценти што, како што реков и претходно, бара рестриктивна монетарна политика.
Како добар познавач на состојбите во македонската економија, би сакала да Ве прашам за Ваша оценка како македонската економија и македонските банки се справуваат со инфлацијата во однос на регионот?
– Што се однесува до банките во Македонија, тие првенствено имаат еден конзервативен модел, што е добро бидејќи ги прави да се помалку изложени на вакви кризи, помала е нивната изложеност за некакви можности на зараза во финансискиот сектор. Исто така добро се капитализирани.
Што се однесува до економијата, добро е што таа е многу отворена во однос на земјите во регионот што овозможува во крајна линија на среден и долг рок поголем раст на продуктивноста. Меѓутоа на краток рок може да има поголема чувствителност во однос на тоа што се случува надвор, што видовме и дека се случи. Сепак и понатаму треба да се инсистира на отвореност на економијата и на што поголемо привлекување на инвестициите бидејќи без разлика што на краток рок тоа може да предизвика економијата да биде почувствителна, на среден и долг рок сигурно е добро за растот.
Од годинава во нашата земја се отвора можноста за нови играчи на пазарот на платежни услуги. Хрватска веќе има искуство, а нашата централна банка зема дел од искуствата од Хрватска. Какво е искуството на Хрватска со овие нови играчи на платежни услуги?
– Кога беше донесена таа директива во платниот систем во Европа и се отвори можноста за нови играчи да влезат како конкуренти на банките, што е добро, бидејќи ја зголемува конкурентноста на пазарот и им се овозможува подобри услуги за потрошувачите, веднаш рековме дека тоа е добро, но дека не треба да очекуваме некакви нагли промени. За тоа е потребно прво пазарот да стане зрел, новите играчи да влезат на пазарот, да се адаптираат и да развијат деловни модели. И точно така и се случуваше во Хрватска. Тоа беше еден постепен, развоен процес и мислам дека на таков начин може да се спроведе и во Македонија. Тоа се различни институции кои делумно им конкурираат на банките, делумно делуваат заедно со банките, нудат услуги од платниот промет, електронски паричник… Сите тие институции се појавија во Хрватска. Во моментот имаме 13, ако не се лажам, не банкарски институции за платен промет. Некои од нив развија модели кои им овозможија дури да излезат на европскиот пазар и конкурираат успешно на овие пазари. Ви велам, тоа не е процес којшто се случува преку ноќ, туку процес за кој треба пет-шест години за да се развие. Секогаш имаме барања од некои нови институции за платен промет за лиценцирање. Она што ние се обидуваме да направиме е да го разбереме нивниот деловен модел, да ги советуваме што има смисла како деловен модел и потоа ако сето тоа е успешно, ги лиценцираме и ги пуштаме на пазарот како дополнителна конкуренција што ја зголемува достапноста на услуги за потрошувачите и ги поевтинува дел од услугите за потрошувачите.
Меѓународните финансиски институции инсистираат на зелени финансии. Колкава улога ќе одиграат овие зелени финансии за стабилноста на финансискиот сектор?
– Зелените финансии се промена која доаѓа со климатските промени кои доведуваат до затоплување и кои имаат лоши последици на општеството, а потенцијално и на финансиската стабилност. Значи тука можеме да размислуваме на два начина. Јас зборувам само од аспект на централните банки. Едно е можното влијание на климатските промени врз инфлацијата, која е нашата основна цел, каде зголемувањето на екстремните климатски случувања како суша, поплава, пожари што доведува до тоа да имаме шокови на страната на понудата, особено во земјоделството што доведува до раст на цените. Тоа е нешто лошо бидејќи ни ја зголемува инфлацијата.
Од друга страна е изложеноста на банките. Делот од компаниите кои се изложени на климатските промени може да влијае на квалитетот на активата на банките што влијае на финансиската стабилност на банките. Поради тоа е многу важно банките да ги препознаат тие ризици и ние бараме банките да препознаат колку се изложени на тие ризици. Тоа не е ни малку лесно, но мораме да станеме свесни дека мора тоа да го направиме. Од друга страна, голем број на инвестиции кои ќе одат во зелени инвестиции ќе доведат до тоа каматната стапка во иднина да порасне затоа што мора да ангажирате многу повеќе средства за тие инвестиции што повторно може да влијае врз монетарната политика на начин што долгорочната каматна стапка биде нешто повисока, отколку доколку би била без таков инвестициски циклус во зелена политика. Меѓутоа тие се потребни затоа што сме се определиле и сакаме да ги сопреме овие климатски промени пред да предизвикаат поголема штета.
Билјана Анастасова-Костиќ
видео: Аслан Вишко
фото: Борис Куноски